Денеска православните христијани го слават празникот Свети бесребреници Козма и Дамјан.
Во Црквата, бесребреници се нарекуваат оние светители, на кои Бог им дал голем дар да чудотворат, т.е. да лечат од секакви болести. Тоа го правеле пред сé со силата на Светиот Дух, иако имале и медицинско образование.
Свети Козма и Дамјан се многу познати во народот. Многу цркви им се посветени во Македонија, па и некои лекарски друштва го носат нивното име. Биле родум од Мала Азија. Мајка им била христијанка и ги воспитала во Христовиот дух. Се упокоија во местото Фереман, а погребани се еден до друг. И по нивното напуштање на овој живот, тие продолжија да ги исцелуваат оние кои ги повикуваат во молитвите.
На денешен ден, по народното верување не би требало да се работат тешки работи и да се излегува од дома без некоја поголема причина.
Христијаните на овој празник се посветуваат на молитва за болните и избегнуваат физичка работа.
Мала црква посветена на светите врачи Кузман и Дамјан има во скопското село Говрлево. Во црквата има и света вода, а според преданието оваа црква е изградена откако на некој човек му се сонило дека на местото каде што извира водата треба да се изгради црква. Според други преданија Јустинијан Први во 6 век на тоа место бил излекуван. До црквата има уште една чешма за која се верува дека подмладува поради што, овде луѓето доживуваат длабока старост.