Судскиот епилог за случајот што ја потресе Македонија
Денеска, во Основниот кривичен суд во Скопје, се очекува да биде објавена пресудата за едно од најтрагичните и најмонструозните убиства во поновата историја на Македонија – грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.
Обвинети за двојното убиство се Љупчо Палевски – Пакетче, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Обвинението опфаќа и уште едно лице, таткото на Вања – Александар Ѓорчевски, кој се товари како соучесник.
План за грабнување што заврши со брутално убиство
Според обвинението, групата организирано го испланирала киднапирањето на малолетната Вања, со цел да изнудат пари од нејзиното семејство. За да го спроведат планот, тие прво го грабнале пензионерот Панче Жежовски, со намера да го искористат неговото возило „Ситроен“ во операцијата.
По грабнувањето, и Жежовски и Вања биле убиени на брутален начин. Случајот ја шокираше јавноста и предизвика лавина реакции, особено поради бавноста на институциите и фактот што детето било убиено и покрај тоа што не бил извршен обид за преговарање за откуп.
Обвинетите не се чувствуваат виновни
На рочиштето кое се одржа претходно, обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни. Нивната одбрана во завршните зборови побара ослободителна пресуда, додека обвинителството бара максимална казна – доживотен затвор за сите четворица: Палевски, Видевски, Кешишев и Манев.
Исходот од денешната пресуда ќе ја дефинира правдата за убиството на Вања и Панче, и ќе биде важен тест за правосудниот систем на земјава.