Советот на јавни обвинители денеска ќе ја одржи седумдесеттата седница на чиј дневен ред е донесување одлука за именување на Ислам Абази за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.
На дневен ред на 70-тата седница, исто така, е и носење одлука за објавување на оглас за избор на четири јавни обвинители во ОЈО ГОКК, откако на 27 октомври Советот не избра ниту еден од шестмината пријавени кандидати на претходниот оглас.
Советот, според најавениот дневен ред, ќе треба да донесе и одлука за избор на Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје и во Гостивар, како и одлука за избор на по еден основен јавен обвинител во ОЈО Битола, ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кавадарци и ОЈО Куманово.
На изборите за шеф на ОЈО ГОКК на 7 ноември најмногу гласови доби Ислам Абази – 66, втор од четворицата пријавени кандидати по број на добиени гласови беше Ермон Незири со 64 гласови, а Вилма Русковска доби 14 и Деса Пауновска десет гласа.