На обвинителна клупа седат четворица поранешни високи функционери: експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, бившите министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Сите се обвинети за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во текот на судскиот процес, обвинителството тврдеше и докажуваше дека имало координација и организација на протестите кои во тој период се одржуваа пред Собранието, како и на критичниот ден или, како што кажа Русковска и во воведните зборови, дека имало намера да се загрози уставниот поредок и безбедноста на државата и со акти на насилство да се оневозможи мирно предавање на власта.
Од друга страна, поранешните функционери и нивните адвокати тврдеа дека ниту биле вклучени во организацијата на протестите ниту имало некаков план, како и дека партијата ВМРО-ДПМНЕ никогаш немала ниту официјален став и ниту поддршка за демонстрациите.
Тие тврдеа дека нема докази и порачуваа дека овој случај не може да се заснова само на сведочењето на Александар Василевски – Нинџа.
Ова е втор поголем судски процес што се води пред македонските судови за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Најобемниот предмет за овие настани веќе има и правосилна пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, но 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година, а за еден судењето беше раздвоено од здравствени причини. Од останатите единствено Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, додека другите добија вкупно 188 години затвор. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков – 16 години затвор.