Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите, а роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период.
– Во оваа кредитна линија е овозможена и грант компонента до 50 отсто на кредитот доколку корисниците на кредитите ги исполнат потребните услови, а тоа е во 2021 година да имаат пет отсто повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 година да се зголемени за 10 отсто во однос на лани, информираше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува позитивен ефект од оваа кредитна линија, како од претходните три бескаматни кредитни линии од Развојната банка во износ од 44,1 милиони евра, со кои беа поддржани над 4.000 фирми со вкупен број од 36.800 вработени.
Дополнително ќе се поддржат стопанските субјекти со гарантниот фонд кој ќе гарантира кредити до 500 илјади евра на микро, мали и средни претпријатија, што исто така, посочи, ќе придонесе за поддршка нашата економијата.
Според Бесими, се работи на тоа 2021 да биде година на заздравување на економијата, но и година за воспоставување на основите за забрзан здрав и одржлив економски раст.
– Приоритетите кои се дадени со програмата на оваа Влада се дека во наредниот период настојуваме да го зголемиме, односно економскиот раст да достигне над четири до пет проценти на годишно ниво, како и раст на нивото на плати за 20 до 30 отсто на акумулативно ниво на среден рок, рече Бесими.
За новата линија „Ковид 4“ од 15-ти месецов ќе може да аплицираат малите, микро и средни компании што имале најмалку 30 отсто пад на приходите во 2020 година во однос на 2019 година. Ќе може да се пријават компании од 23 шифри на дејност, а тука влегуваат оние од областа на превозот, угостителството, ивент индустријата, како и занаетчиите и приватните здравствени установи.
На конкурсот нема да може да се пријават единствено фирмите кои користеле поддршка за плати за февруари и март од петтиот пакет мерки. Максималниот износ на кредитот е 30 илјади евра, а минималниот изнесува три илјади евра, додека рокот на отплата е до 42 месеца, со грејс период од 12 месеци.
Како што објави Развојната банка, денеска почнува аплицирањето за бескаматниот кредит од кредитната линија за трговски радиодифузни друштва. Тие ќе може да користат бескаматен кредит со грејс-период до 12 месеци и рок на отплата до 48 месеци, за тековни средства и ликвидност. Максималниот износ на кредитот за субјектите со шифра на дејност 60.20 е утврден во зависност од типот на медиуми согласно регистарот на АВМУ, и изнесува 7.380.000 денари за национални медиуми, 1.230.000 денари за регионални медиуми и 615.000 денари за локални медиуми. Максималниот износ на кредитот за субјектите со шифра на дејност 60.10 изнесува 615.000 денари.
Потенцијалните корисници на кредит од оваа кредитна линија, треба да имаат главница и резерви не помалку од 50 отсто од износот на бараниот кредит, како и степен на финансиска задолженост помал од четири. Принципот за одлучување за распределба на расположливиот фонд средства ќе биде „прв дојден, прв услужен”.
Во последните три месеци, укажа вицепремиерот Битиќи, се бележи раст на индустриското производство – и тоа во март за 7,6 отсто, во април дури за 46,1 отсто и во мај за 16,5 отсто, во однос на соодветните месеци во 2020 година. Меѓународната трговска размена, како што рече, бележи сериозен раст од 41,5 отсто во првите пет месеци од 2021 година, во споредба со истиот период лани, додека извозот расте со стапка над 44 отсто, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7 посто.
Според податоците од ДЗС, вкупниот број на вработени изнесува 793.121 лице, додека стапката на невработеност, рече Битиќи, е стабилна и изнесува 16 отсто. Просечната нето плата во април 2021 година изнесува 28,438 денари или над 10 отсто повеќе во однос на април 2020, и, како што рече, сериозно се доближувме до просечната плата од 500 евра.
Податоците на ДЗС покажуават и дека трошоците на животот во јуни годинава, во однос на јуни лани, бележат зголемување од 2,7 отсто, а цените на мало пораснале за 4 проценти.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, пак, вчера порача дека централната банка ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел да ја задржи ценовната стабилност. Како што рече, будно ги следат сите движења и доколку има потреба, соодветно ќе реагираат. Досега, наведе, инфлацијата се задржува во умерени рамки. Очекувањата се дека ова забрзување на инфлацијата ќе се стабилизира и веќе од следната година таа ќе биде пониска во однос на оваа година.
– Досега инфлацијата се задржува во умерени рамки, иако ние направиме ревизија од 1,5 проценти на 2,2 проценти. 2,2 проценти сеуште упатува на задржување на инфлацијата во умерени рамки. Она што е многу значајно кога се зборува за инфлацијата е тоа дека треба да ги знаеме факторите кои ја движат инфлацијата. Во овој случај, во основа се работи за глобални фактори. Ние сме мала отворена економија, растат цените на примарните производи на светските берзи. Но, исто така она што е значајно е дека според меѓународните институции се очекува ова забрзување на инфлацијата да се стабилизира и веќе наредната година да биде поумерена, односно пониска од оваа година, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања.
Доколку има потреба, како што посочи гувернерката, би се преминало кон затегнување на монетарната политика, но за да се случи тоа, клучни се два фактора – девизните резерви кои сега се на ниво од четири милијарди и се двојно повисоки во споредба со времето од глобалната економска криза, како и инфлациските очекувања дека следува стабилизирање.
Владата досега има донесено шест сета мерки, со вкупно проектирана вредност од околу 1,1 милијарда евра, како директна помош за справување со последиците од корона кризата. Како важен во периодот после пандемијата со Ковид-19 од Владата го посочуваат и законот за отпис на камати што се очекува да им помогне на повеќе од 150 илјади граѓани.