Професорката Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Поткомисијата за судство на Венецијанската комисија.
Дескоска е избрана на 137-та сесија на Венецијанската комисија што се одржа од 14 до 16 овој месец. За претседател на поткомисијата е избран проф.
д-р Никос Аливизатос, професор по уставно право на Универзитетот во Атина и поранешен министер за внатрешни работи на Грција.
Поткомисијата за судство во изминатиов период е најактивна комисија преку која поминаа најголемиот број мислења кои се усвојуваат од Венецијанската комисија.
Таа е надлежна да ги разгледува мислењата и да предлага амандмани на мислењата кои Венецијанската комисија го носи за прашања поврзани со реформите или со состојбите во судството.
– Избор за потпретседател на оваа комисија го сфаќам како признание за мојот досегашен ангажман во подготовката на мислења кои едногласно беа усвоени од Венецијанската комисија.
Како единствен член кој не потекнува од земја членка на Европската Унија учествував во изработката на мислење за независноста на судството во Холандија, а исто така бев вклучена и во изработката на неколку мислења за организацијата на јавното обвинителство во Молдавија, мислења за законската рамка за политичките партии во Монголија и Азербејџан за кои бев и известувач на седниците, вели Дескоска во објавата на Фејсбук.
Венецијанската комисија е орган на Советот на Европа и е составена од независни експерти кои се признати и познати по нивното искуство во демократските институции и по нивниот придонес во уставното право и политичкиот систем, со задача да дава правни совети во форма на правни мислења на нацрт закони или закони кои се веќе донесени во одредени земји.
Членови на Венецијанската комисија се главно професори по уставно право со претходно искуство како министри, премиери или судии на уставни судови, како на пример Филип Димитров поранешен премиер на Бугарија, Марта Картабиа, поранешна министерка за правда на Италија, Хана Сухотска, поранешна премиерка и министерка за правда на Полска, Jасна Омејец, поранешна претседателка на Уставниот суд на Хрватска, Клер Бејзи Маларуи, поранешна членка на Уставниот совет на Франција, Андрас Варга, поранешен судија на Уставен суд на Унгарија, Дан Меридор, поранешен министер за правда на Израел, Срѓан Дрмановиќ, поранешен министер за надворешни работи на Црна Гора итн.