Нема никаква најава, ниту индикатор дека може да се случи прекин во снабдувањето со гас на компаниите од слободните економски зони, рече денеска директорот на Дирекцијатата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Деспотовски верува дека земјава, сепак, има резервни опции кои може да се стават во функција доколку се укаже потреба да им се помогне на компаниите во зоните.

Во ризик, истакна директорот одговорајќи на новинарски прашања, се само фирмите од ТИРЗ Скопје зашто во останатите зони моменто се работи на инсталирање гасна инфратсруктура, а фабриките таму користат други видови енергија.

-Договорите за снабдување со гас се годишни, а „Промгас“ е единствениот снабдувач. Засега немаме проблем со побараните количини, ниту со некакви најави за евентуално запирање на испораката на гас. Внимателно ја следиме ситуацијата. Знаеме што се случува во регионот и пред се, со Бугарија. Во договорите, она што го имаме како заштитна клаузула за државата е тоа што компаниите се обврзани, во случај на прекин на снабдувањето заради надворешни фактори кои се вон секакво наше влијание, самостојно да си обезбедат натамошно снабдување. Во комуникација сме со компаниите. Внимателно ги следиме ризиците и ако има потреба надлежните институции ќе реагираат. Верувам дека имаме и резервни опции кои можеме да ги ставиме во функција ако се укаже потреба да им помогнеме на компаниите, но во моментот немаме апсолутно никаква најава, ниту индикатор дека може да се случи прекин, рече директорот.

Според него, Дирекцијата засега нема сознанија дека можеби некои од фримите во зоните се префрлени на алтернативно гориво.

-Не, немаме такво сознание, следејќи ги неделните и месечните количини на испорака на гас кон нив, истакна Деспотовски.