Јован Деспотовски, член на СДСМ, жестоко реагира на обвинувањата за наводна соработка со политички опонент, истакнувајќи дека овие напади предизвикуваат срам и разединетост во партијата. Тој потенцира дека ваквите конфликти ја кочат обединетоста на СДСМ и бара јасни докази за изнесените тврдења.

„Ова што сега му се случува на СДСM, е срам којшто му го нанесуваат поединци, кои се тие аргументи и кои се тие докази за мојата соработка со нашиот политички опонент? Мислам дека е навистина небулозно, и секако нема да го оставам тоа така затоа што нема да дозволам овој срам да и се случува на мојата матична партија. Ова не е СДСM, ова не е мојата партија, ова не е нашата партија, ова е атак од поединци којшто во моментот управуваат со партијата“, рече Деспотовски на гостување на телевизија Сител во Тема на денот.

Деспотовски истакна дека СДСM на ваков начин не може да се обедини и тоа поради внатрепартиските недоразбирања и потенцираше дека и после година и пол работите во партијата сеуште не се средени.

„Наместо да отвориме фронт, политички фолклор кон власта, ние ни копаме рово меѓу себе, значи ние не обединуваме. Јас ќе почекам да ги видам доказите, доколку не ги видам тие докази во тој случај јас ќе побарам одговорност за јавно изразен збор, за валкање на мојот образ, и нанесување срам на мојата партија. Сакаме да зборуваме за се што се случува околу нас, а работите дома не си ги средуваме, упорно после година и пол ние не можеме да кажеме дека нашиот дом е среден, реакциите на јавноста се такви, реакциите на нашите партиски членови се такви“, рече Деспотовски.