Жената била нападната додека спиела, Обвинителството бара притвор
Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против 33-годишен маж, осомничен за убиство при вршење семејно насилство.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот утрово ја лишил од живот својата поранешна вонбрачна партнерка, со која имал четири малолетни деца.
„Откако се осигурал дека нејзиниот татко не е во домот во кој живеела жената, осомничениот влегол во куќата додека спиела, се доближил до жртвата и и нанел десетина убоди со нож во телото, од кои таа веднаш починала“, соопшти Обвинителството.
Обвинителството побара мерка притвор
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Како што посочуваат од Обвинителството, постои опасност осомничениот да се даде во бегство.
