Управата за извршување на санкциите на 13.01.2023 година спроведе вонреден стручен надзор во КПД Идризово со цел да се утврдат сите околности кои довеле до тоа да се случи бегството на осуденото лице Беким Мемети, за кој настан информиравме уште во текот на истиот ден, односно на 13.01.2023 година, информираат од Министерство за правда.
-Со оглед на фактот што учесниците во настанот кои се припадници на затворската полиција (освен повредениот затворски полицаец) уште во текот на ноќта морале да се упатат во просториите на надлежниот сектор на МВР, а со нив и Командирот на одделение кој го координира настанот, службените лица од Управата не беа во можност со истите да разговараат, туку за текот на настанот беа информирани од директорот на КПД Идризово и од Заповедникот на затворската полиција во оваа установа.
Со ова соопштение сакаме да нотираме во кој дел не е постапено во согласност со Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција врз основа на кој е пропишана и постапката за спроведување вон установата.
Имено, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, за неговата здравствена состојба мора да се подготви упат од здравствен работник, т.е. лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана. Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба, Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана.
Следното правило што не е испочитувано е што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, истото по предлог на командирот било сместено во вториот дел на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција. Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен.
Управата за извршување на санкциите информира дека Командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот со одлука на директорот на КПД Идризово, истиот ден се суспендирани од своите работни места, додаваат од Министерството.