Со фиктивна продажба на горива група од 13 лица нанесувала голема штета на државниот Буџет, осуммина се приведени
Седум лица се приведени од вкупно 13 опфатени во истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Акцијата ја извршија истражните органи на територија на повеќе општини. Лицата се приведени поради тоа што со фиктивна продажба на горива правеле поврат на данок
Четворица од опфатените се косовски државјани, а еден е државјанин на Република Хрватска. Полицијата сè уште трага по петмина странски државјани и еден македонски државјанин. Сите приведени се задржани под ефективен притвор од 30 дена.
Предметот е резултат на двегодишна предистражна постапка, која се водела во соработка со Управата за финансиска полиција.
Според соопштението на ОЈОГОКК, во периодот од 2014 до 2023 година, 13-члената група формирала мрежа на правни субјекти. Таа правела голема штета во Буџетот преку даночно затајување, даночни измами и перење пари.
Компаниите вршеле продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати. Изготвувани биле и фактури со невисинита содржина. На тој начин избегнувале плаќање на даночни обврски и остварувале незаконски поврат на ДДВ.
„Преку правни лица без дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво. Продажбата во поголем дел се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури. Средствата прибрани во готово не биле евидентирани,“ велат од Јавното обвинителство.
Странските државјани, формално назначени за одговорни лица, немале регулиран престој во земјава, што било користено за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Преносот на парите бил клучен за профитот на групата. „Од продадените деривати во готово се пренесувале пари со намера да се прикрие нивното движење, со што се стекнувале со противправна имотна корист во големи размери. Тоа претставува и даночно затајување и перење пари,“ соопшти ОЈОГОКК.
Претходно, Финансиската полиција информираше дека групата имала намера да се стекне со имотна корист од над 430 милиони денари, околу 7 милиони евра. Во акцијата учествуваа и припадници на специјалната единица САЕ „Тигар“.