Две убиства, ист убиец. Грчката полиција го идентификуваше убиецот на водачот на нарко кланот „Дуќанџик“ Орхан Бајрами – Оки кој беше ликвидиран минатата година во Ханиоти. Станува збор за лицето Гани Марку кој веќе се наоѓа во притвор во Скопје бидејќи е осомничени за двојното убиство во „Шиша бар“ во старата скопска чаршија.
Грција ја бара оваа екстрадиција од причини што делото е извршено на грчка територија и затоа треба да се суди во Грција. Осомничениот е веќе во притвор во Скопје но за друго дело. Целиот овој процес на екстрадиција ќе биде во надлежност на Министерствата за правда на двете земји.
Сепак, повеќе од извесно е дека нему ќе му се суди во Скопје. Според официјалните податоци на грчката полиција Марку со уште едно лице, маскирани со фантомки, дошле до вилата каде што бил Бајрами со неколку лица и почнале да пукаат од неспоредна близина. Бајрами е убиен, а негов пријател е ранет.
Од МИА информираат дека сè уште не е идентификуван соучесникот во убиството.
Грчката полиција го расчисти убиството што на 15 јули минатата година се случи во вила на Халкидики, кога смртно беше застрелан 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а повреден беше 45-годишен, и двајцата државјани на Македонија. Полицијата во Грција успешно го идентификувала сторителот, а во непосредна близина ги пронашла пиштолот, ракавиците и капата со кој се утврди дека станува за тоа конкретно дело.
Детали: Убиство во Шиша Бар
Улица „Самуилова“ – вообичено прометна со сообраќај. Таму се наоѓа и локалот „Шиша бар“ кој ноќеска беше обезбедуван од полициски специјалци откако во него одекнаа рафали, а петтемина напаѓачи ги изрешетаа Јетон Кривањева и Енис Исеини.
Напаѓачите биле униформирани со црни маски на лицата, а од првите изјави на присутните во собата на вториот кат, обвинителите почнуваат да ја градат истрагата.
„Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот,“ пишува кусо јавното обвинителство.
Но, обвинителите не си заминале со празни раце од „Шиша бар“. Убијците оставиле и траги, а двиежење се следеше од видео надзорот на „Безбеден град“.
Според првичната реконструкција, пет лица стасале на ул. „Самуилова“ маскирани и вооружени извикале – „Полициска рација“. Никој не ги запрел да влезат во засебната просторија и од повеќеммината присутни да пукаат во Кривањева и Исеини. По убиството бегството се дели на две етапи.
Ова убиство го дискутиравме и во нашата емисија „Еспресо со Златев и Боцевски“:
Но, и во него има полно материјални докази кои обвинителите треба да ги одведат до напаѓачите.
До тогаш, непознато е каде исчезна групата која изврши двојно убиство и рани едно лице и зошто?
Убиениот Кривањева, е познат под прекарот Жила. Според повеќе медиуми на албански јазик од Македонија беше дел и од групата која беше цел на вооружен напад во скопскиот хотел Александар Палас во 2019-та година. Тогаш маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа и Камер Идризи и Јетон Кривањева.
Тогаш интервенција на полицаец во цивил кој во моментот седел на истата маса со нападнатите го спречил нападот.
Пукал во напаѓачите во самоодбрана, при што во тој случај немаше сериозно повредени лица.
Детали: Убиство во Ханиоти
На 15.07.2023 година, пред околу пет месеци, околу 3:30 часот биле застрелани две лица од Македонија. Тие веднаш биле пренесени во здравствениот дом „Касандра“. Еден од двајцата, 39-годишниот Орхан Бајрами – Оки е мртов, додека неговиот 45-годишен пријател е хоспитализиран со повреди во болницата „Полигирос“.
Според очевидци, двајца непознати лица со качулки на мотор се приближиле до изнајмениот апартман во којшто престојувале и пукале во нив. Тамошните медиуми го употребуваа терминот „егзекуција“.
На местото на нападот полициските екипи пронашле повеќе од 20 чаури. Денеска грчката полиција соопшти дека го знае убиецот, а станува збор за лицето Гани Марку кој веќе се наоѓа во притвор во Скопје бидејќи е осомничени за двојното убиство во „Шиша бар“ во старата скопска чаршија.
Ликвидираниот македонски државјанин во Грција, Орхан Бајрами – Оки и е познат на македонската јавност како дел од мафијашкото подземје. Го сметаа за неформален лидер на т.н. групата „Дуќанџик“. Беше инволвиран во неколку вооружени инциденти, а познат е и за македонската полиција. Според неофицијални информации на грчките медиуми, убиството на Бајрами-Оки, било извршено од неколку лица, со пиштоли, од кои испукале дваесетина куршуми.
Војна меѓу нарко клановите
Скопското подземје врие како никогаш досега. За тоа говорат и двете последни обиди за убиства на Раде Трајковски – Штекли. И овие теми ги дискутираме во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“.