Министерот за здравство Арбен Таравари објави дека девет лека стануваат дел од позитивната листа. Според министерот, станува збор за девет генерици претставени преку 87 лека, меѓу нив и оние за висок притисок, срцеви заболувања, депресија и деменција.
„Се работи за 87 лека во разни форми, јачини и пакувања, што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лека. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, антиагреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција“, појасни Таравари.
Најверојатно, како што рече, на листата се избрани да се стават оние лекови од кои пациентите имаат секојдневна потреба.
Тој појасни дека во процесот биле ангажирани експерти што работеле на неколку законски измени, изработка на нов правилник со европски практики и нова методологија за ставање лекови на позитивна листа.
Посочи дека ова е само почеток на процесот на проширување на позитивната листа.
Министерот ги повика сите фармацевтски компании да продолжат со своите апликации за ставање нови лекови на позитивната листа.