Скопската полиција приведе 25-годишен маж осомничен дека физички нападнал и силувал 22-годишна девојка со која претходно се запознал.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 5 март во 16:55 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Е.А. (25) од Скопско на подрачјето на општина Гази Баба.

Според пријавата, на 23 февруари во неговиот дом тој физички нападнал 22-годишна жена која претходно пристигнала во Македонија од Германија. Полицијата наведува дека осомничениот извршил обљуба врз девојката и ѝ упатувал закани.

Во периодот додека престојувала во неговиот дом, тој не ѝ дозволувал сама да излегува и ѝ го одзел мобилниот телефон.

Девојката на 4 март успеала да стапи во контакт со својата мајка, која ја известила полицијата. По добиената пријава, полициски екипи излегле на посочената адреса и постапиле согласно направената проценка на ризик.

За случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка, информираат од полицијата.