Поранешниот американски претседател Џозеф Бајден влегол во нова фаза од лекувањето на агресивен облик на рак на простата, потврди денеска неговиот портпарол.

„Во рамките на планот за лекување на рак на простата, претседателот Бајден моментално прима терапија со зрачење и хормонска терапија,“ изјави портпаролот, пренесува NBC News.

Се очекува терапијата со зрачење да трае пет недели, а според неговиот тим, тоа претставува нова етапа во третманот, кој веќе вклучува хормонска терапија во форма на таблети.

Минатиот месец Бајден беше подложен и на Мохсова операција, процедура која се користи при третман на рак на кожа. Голем завој на неговото чело беше видлив за време на неговите јавни настапи во тој период.

Во мај, Бајден соопшти дека му бил дијагностициран агресивен карцином на простата со метастази на коските, по што неговиот медицински тим разгледувал повеќе можности за понатамошно лекување.

Американските медиуми јавуваат дека поранешниот претседател продолжува да ја следи терапијата под внимателен надзор на лекарите и дека досега реагира стабилно на третманот.