Централно електронско здравствено досие за секој пациент
Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, додека хартиената документација ќе се користи само во исклучителни случаи како привремено решение при прекин на системот.
Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за евиденциите од областа на здравството, кои денеска на прес-конференција ги соопшти министерот за здравство Азир Алиу. Со овие законски решенија се прави значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.
Тој истакна дека една од клучните новини е регулирањето на Електронското здравствено досие за секој пациент, кое ќе служи како централен извор на сите здравствени податоци – од прегледи и резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги.
Со новите законски решенија, рече министерот, значително се подобрува пристапот на граѓаните до сопственото здравствено досие, преку електронски портал или мобилна апликација. Исто така, се утврдени јасни правила за пристап кај малолетни лица и можност за овластување друго лице.
„Нашата цел е здравствените податоци да се водат модерно, безбедно и поврзано, со што ќе се подобри и квалитетот на здравствените услуги за пациентите. Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството ‘Мој Термин’“, појасни Алиу.
Интероперабилност и интеграција на системите
Законот, потенцира Алиу, предвидува техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи. Ова значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем. Се воведува сертифицирање на информатичките системи и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци за зголемување на безбедноста и транспарентноста.
„Дополнително, за првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи. Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец“, истакна Алиу.
Со измените, како што додаде, се предвидува централизација и интеграција на здравствените регистри во рамки на Националниот систем. Исто така, се зајакнуваат безбедносните стандарди, со обврска здравствените установи да воспостават системи за управување со информациска безбедност и да пријавуваат евентуални безбедносни инциденти.
„Предложените законски измени се делумно усогласени со најновите европски регулативи во областа на дигиталното здравство, вклучително и Регулативата за Европскиот простор за здравствени податоци. Со овој закон се поставуваат темелите за модерен, сигурен и интероперабилен систем за управување со здравствените податоци, кој ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги, поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните, следејќи ги трендовите во оваа област“, посочи Алиу.
Министерот додаде дека се финализираат измените на 12 закони од областа на здравството. Тие ќе бидат објавени на ЕНЕР, каде веќе се поставени законите за здравствена заштита, заштита од пушење и здравствено осигурување. За Законот за заштита на населението од заразни болести, се предвидени новини во рамки на заложбите за дигитализација.
