Јаневска најави целосна дигитализација на свидетелствата од следната година
Учениците од прво, второ и трето одделение годинава за првпат ќе добијат дигитални свидетелства, а од наредната година системот ќе се прошири и за учениците од четврто до шесто одделение. Ова денеска го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа појасни дека Министерството за образование и наука веќе обезбедило електронски печати и електронски потписи за спроведување на процесот.
„Како Министерство обезбедивме електронски печати и електронски потписи, а оваа година, за да не се случи во некое училиште, можеби во рурална средина или во училиште со послаба техничка опременост, учениците да останат без свидетелства, за овие три одделенија воведовме систем што може да се нарече хибриден. Од следната година свидетелствата ќе бидат целосно дигитални“, изјави Јаневска пред почетокот на презентацијата на АРБУ – платформата за академско рангирање на универзитетите во Балканскиот Регион.
Комбиниран модел поради обуката на наставниците
Според министерката, дигитализацијата претставува важен процес за образовниот систем и затоа постепено се воведува во институциите што се под надлежност на МОН.
Јаневска посочи дека годинава е избран комбиниран пристап бидејќи не сите наставници се подеднакво подготвени за работа во целосно дигитална средина.
„Зошто оваа година применуваме комбиниран модел? Причината е што обучувавме речиси 20 илјади наставници за начинот на користење на дигиталните алатки и за справување со процесот на дигитализација. Сосема сте свесни дека не сите наставници, иако поминаа низ многубројни обуки, еднакво се подготвени веднаш целосно да ги извршуваат обврските што ги воведуваме. Постојат возрасни разлики, како и други околности што влијаат врз нивната подготвеност за работа во целосно дигитална средина“, додаде таа.
Министерката им го честита завршувањето на учебната година на учениците и наставниците, оценувајќи дека според достапните показатели оваа учебна година била поуспешна од претходната.
