Иницијатива за дигитална детоксикација во повеќе земји

Неколку земји воведуваат предизвик за февруари во кој учесниците ќе ги избришат сите апликации за социјални мрежи, со цел да ја намалат зависноста од паметните телефони и да го подобрат вниманието, пренесува белгискиот медиум РТБФ.

Иницијативата се појавува во време на растечка загриженост за ефектите од хиперповрзаноста, неконтролираното скролање, анксиозноста и заморот од алгоритми, како и за влијанието на брзиот развој на вештачката интелигенција. Телевизијата нагласува дека времето пред екраните сè повеќе се доживува како обврска, наместо како задоволство.

Препораки за здраво користење на екрани

Штетните ефекти од прекумерната употреба на екрани, особено кај децата, се одамна видливи. Високиот здравствен совет на Белгија препорачува живот без екрани, особено пред втората година од животот, без социјални мрежи пред 13-годишна возраст и без паметни телефони во училиштата.

Иако препораките варираат од земја до земја, нивната цел е заедничка – спречување на зависноста и негативните последици од дигиталната обседнатост уште од рана возраст. Кај возрасните, откажувањето од вкоренетите дигитални навики е потешко, иако волјата постои. Според истражување, 64 проценти од Французите би прифатиле „дигитална детоксикација“.

Иницијативата „OFF February“ и ефектот врз хиперповрзаноста

Шпанската иницијатива „Од февруари“ („OFF February“) годинава за првпат се спроведува и во Франција, Велика Британија и САД. Предизвикот е едноставен – сите социјални мрежи да бидат избришани во текот на февруари.

Виктор Ферсинг, раководител на движењето, објаснува дека целта е да се намали хиперповрзаноста и да се преиспита односот на луѓето кон екраните. Тој нагласува дека социјалните мрежи се дизајнирани да го задржат вниманието и да собираат податоци, а не да придонесат за благосостојбата на корисниците.

Ферсинг предупредува дека постојаната дигитална поврзаност води кон изолација и ослабување на социјалните врски во реалниот свет. Иако трајното откажување од социјалните мрежи засега е тешко остварливо, организаторите се надеваат дека иницијативата ќе поттикне подолгорочна промена во начинот на нивна употреба. Целта не е целосна забрана, туку користење на социјалните мрежи само кога тоа е навистина неопходно.