Граѓаните повеќе нема да чекаат на шалтери

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, најави целосна дигитализација на општината со цел искоренување на корупцијата и редовното чекање на шалтери.

„Најскапиот документ не е оној што се плаќа, туку оној што се чека. Оној за кој не знаеш дали воопшто ќе го добиеш,“ истакна Лукровски, додавајќи дека во 2025 година граѓаните не треба да стојат во редови, да бараат врски или да се додворуваат за да завршат работа.

„Општината повеќе не смее да биде зграда во која влегуваш со нервоза, а излегуваш со даден поткуп. Таа пракса ќе заврши, драги мои карпошани,“ порача кандидатот.

Од првиот ден на неговото управување, Лукровски најави целосно дигитализирање на сите општински процеси, со цел граѓаните да можат да пристапат до општинските услуги преку еден телефон, од било кое место и во било кое време.

„Ќе воведам апликација, каква што има секоја нормална европска општина, преку која ќе можеш со два клика, со матичен број и адреса, да поднесеш барање, да добиеш број и во секое време да го следиш статусот на решавање,“ нагласи Лукровски.

За оние што немаат пристап до технологија, најави воведување дигитални советници во општината, обучени лица што ќе им помогнат на граѓаните да ги поднесат барањата. „Никој нема да биде исклучен,“ потенцираше тој.

Процесите ќе бидат транспарентни и мерливи

„Процесот ќе биде автоматизиран и целосно транспарентен. Секој службеник што ја завршува работата навреме или пред дадениот рок ќе биде награден, а оној што ја кочи постапката ќе мора да биде санкциониран. Граѓанинот и јас ќе добиваме аларм кога предметот стои предолго. Нема повеќе скриена одговорност. Се ќе биде видливо, мерливо и транспарентно,“ рече Лукровски.

Целта е една апликација за сите општински услуги, со воведување внатрешна дисциплина и одговорност, како што функционира реалниот сектор.

Дигитализацијата како почит кон граѓанинот

„Мојата визија е Карпош да остане општина без изговори и без поткуп. Кога граѓанинот ќе може да реши проблем со два клика, тогаш ќе знаеме дека живееме во модерна општина со чесна управа,“ порача Сотир Лукровски.

Тој додаде дека дигитализацијата не е само технологија, туку и почит кон времето, достоинството и довербата на секој карпошанец.

„И верувајте, така ќе биде,“ заклучи тој, најавувајќи дека преку дигитализацијата општината ќе стане достапна, ефикасна и транспарентна за сите граѓани.