Најновите податоци покажуваат дека во изминатиот месец преку државната Платформа за интероперабилност биле реализирани повеќе од 2,6 милиони дигитални трансакции, што претставува раст од 260 проценти во однос на истиот период минатата година.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна институционална поддршка.
„Потребни се модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации насочени кон пазарот. Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за современа држава,“ нагласи Андоновски.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков, посочи дека дигиталната зрелост на регионот сè уште е на ниско ниво, но дека токму Македонија може да биде пример за забрзана дигитална трансформација.
„Мора да вложуваме во дигитална писменост, доверба и инфраструктура, за да го искористиме потенцијалот на е-трговијата,“ рече Ангеловска Станков.
Со ваквиот раст, Македонија се позиционира меѓу водечките земји во регионот во областа на дигиталните услуги и е-трговијата. Трендовите покажуваат дека сè повеќе граѓани го избираат интернетот како најбезбеден и најбрз начин за купување и плаќање.
