Европската централна банка работи на подготовка на дигиталното евро и на развој на инфраструктура за порамнување на токенизирани трансакции, со што институцијата планира да ја зајакне улогата на европскиот паричен систем.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, образложи дека технолошкиот напредок темелно го менува начинот на плаќање на граѓаните и целокупното функционирање на финансиските пазари. Финансиските институции сè почесто користат технологија на дистрибуиран регистар, додека вредностите и имотите добиваат дигитална форма преку токенизација.
Чиполоне посочи дека дигитализацијата нуди големи можности за поедноставување на плаќањата и поефикасно финансирање, но носи и закана од пазарна фрагментација доколку ваквите финансии се развиваат на затворени, некомпатибилни платформи без сигурно средство за официјално порамнување.
„Прашањето не е дали плаќањата и финансиите ќе станат дигитални, бидејќи тие тоа веќе се“, рече Чиполоне.
Тој нагласи дека приоритетна задача е монетарниот систем да го сочува единството на парите, довербата и финансиската стабилност, а истовремено да ги развива ефикасноста, отпорноста и европската стратешка автономија во платниот промет.
ЕЦБ планира да ги прошири парите на централната банка во новото дигитално опкружување, задржувајќи го постојниот двостепен монетарен систем во кој паралелно функционираат јавните и приватните пари. За малопродажниот сектор тоа опфаќа воведување на дигиталното евро, додека кај трговијата на големо целта е користење на средствата од централната банка за порамнување на токенизирани трансакции преку проектот „Понтес“.
