Новото раководство на Лекарската комора, предводено од претседателот, Никола Јанкуловски, оствари работна средба со министерот за здравство Сашо Клековски во просториите на Комората. На средбата беа отворени повеќе клучни прашања поврзани со реформите во здравствениот систем.

На средбата присуствуваа и Билјана Ѓеоргиевска, претседател на Собранието на Комората, Идриз Орана, заменик-претседател, како и потпретседателите Биљана Петковска-Огњанова за примарно здравство, Ленче Нелоска за секундарно здравство и Ристо Тодоров за терцијарно здравство.

На средбата беа презентирани визијата и клучните програмски приоритети на Комората за претстојниот мандат на новото раководство, насочени кон унапредување на статусот и условите за работа на лекарите, модернизација на институцијата и подигнување на квалитетот на здравствената заштита, соопшти Лекарската комора.

„Денешната средба со министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, претставува важен чекор кон градење силно, суштинско и конструктивно партнерство. Нашата цел е јасна, Лекарската комора да биде неизбежен, авторитетен и обединет глас на сите лекари, како и рамноправен партнер на институциите во креирањето на здравствените политики. На министерот му ги презентиравме нашите клучни приоритети за претстојниот период. Посебен фокус ставивме и на специјализациите и на потребата од нивно адаптирање во согласност со националните потреби. Верувам дека преку отворен дијалог, меѓусебна почит и стручност заеднички ќе изградиме поквалитетен и поефикасен здравствен систем во интерес и на лекарите и на пациентите“, изјави Јанкуловски.

Министерот Клековски го поздрави изборот на новото раководство и ја истакна важноста на Комората како клучен партнер на Министерството за здравство во спроведувањето на реформите и подигнувањето на квалитетот на здравствената заштита за граѓаните. Соговорниците исто така разменија ставови и мислења за најголемите предизици со кои се соочуваат лекарите и пациентите на примарно, секундарно и на терцијарно ниво, се мапираат можни решенија и се дефинираа понатамошни чекори на дејствување.

Двете страни изразија заемна подготвеност за постојан, отворен и конструктивен дијалог и се согласија дека е неопходно директно вклучување на Комората во изработката на законските и подзаконските акти, како и во спроведувањето на реформите засновани врз стручност и европски стандарди, стои во соопштението од Лекарската комора.