Според податоците од ДИК, 333 медиуми се пријавиле за платено политичко рекламирање – списокот сè уште не е конечен

До Државната изборна комисија (ДИК) во предвидениот рок од три дена по распишувањето на изборите за локалните избори на 19 октомври, 333 медиуми се пријавиле за платено политичко рекламирање. Од Комисија нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата сè уште се проверуваат, а рокот за доставување на ценовниците истекува вечерва на полноќ.

Според Роковникот на ДИК, доставените ценовници треба да се потврдат и да се објават на веб-страницата на Комисијата најдоцна до 24 август.

Информациите од МИА покажуваат дека најмногу интернет портали се пријавиле – 257, додека четири портали го направиле тоа надвор од рокот. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.

Од ДИК посочуваат дека доставените барања подлежат на проверка од службите во Комисијата, па бројката не е дефинитивна. Печатените и електронските медиуми се должни да ги достават ценовниците за платено рекламирање до ДИК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рок од пет дена од распишувањето на изборите. Радиодифузерите пак, треба да ги достават до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), ДИК, ДЗР и ДКСК, најдоцна до 14 август, 24:00 часот.

-ДИК е должна да ги потврди и објави на својата веб-страница доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдени од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од интернет порталите, согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од Изборниот законик, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците, најдоцна на 24 август. Поради тоа, потенцираат од ДИК, списокот не е конечен.