ДИК ги објави конечните резултати за вториот изборен круг

Орце Ѓорѓиевски и уште 32 градоначалници кои победија во вториот круг на локалните избори денеска и официјално можат да се сметаат за избрани. Државната изборна комисија (ДИК) утрово ги објави конечните резултати во општините каде што до истекот на рокот не беа поднесени приговори ниту за текот на гласањето ниту за сумирањето на резултатите. Новите градоначалници сега треба да ги подигнат уверенијата од ДИК, по што ќе можат да ја преземат функцијата.

Поднесени 16 приговори во три општини

Денеска во 14 часот ќе се одржи нова седница на ДИК, на која ќе бидат разгледани 16 приговори за изборите за градоначалници. Приговори поднеле кандидатот за Брвеница, Хаќим Рамадани, ВМРО-ДПМНЕ, Сојузот на Ромите и Стевчо Јакимовски. Рамадани приговара за осум избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ за десет, а Сојузот на Ромите за три во Шуто Оризари, додека Јакимовски оспорува резултати во две избирачки места во Карпош.

Ново гласање во четири општини

Покрај тоа, во четири општини градоначалници не беа избрани во првиот круг. За нив ќе биде организирано ново гласање, најверојатно до крајот на оваа или на почетокот на наредната година.