До 9 часот на вториот круг од локалните избори, одѕивот изнесува 2,88 отсто, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Тој посочи дека гласале 22.379 граѓани.
На ниво на Град Скопје, одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
„Гласачките места се навреме и уредно отворени, гласањето тече во најдобар ред. Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал ниту со постапувањето на избирачките одбори“, рече Кондарко на прес-конференција.
Технички проблеми и набљудување на изборите
Единствено во Дојран, на избирачкото место 0385, имало краток застој поради проблем со смарт картица на уред за биометриска идентификација. Кондарко посочи дека проблемот е решен и гласањето продолжува непрекинато.
Тој најави дека ДИК ќе посетува одредени избирачки места и општински изборни комисии во текот на денот без претходна најава. По 19 часот, тимови на ДИК ќе бидат на определени места за набљудување на броењето на гласовите, со цел зголемување на транспарентноста и увид во работата.
Останува препораката на ДИК дека на процесот на броење може да биде присутен целокупниот состав на избирачкиот одбор.
„ДИК и во текот на денот е во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес од Јавното обвинителство. Доколку се јави каква било потреба во текот на гласањето или броењето, тие ќе бидат известени. ДИК ќе го достави и доверливиот изборен материјал доколку се појави потреба“, додаде Кондарко.
Опфат и временски рокови на изборите
Во вториот круг се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, на 1.771 избирачко место. До 19 часот право на глас можат да искористат 1.013.375 гласачи, меѓу кои 474.304 во Градот Скопје.
Следната прес-конференција на ДИК е закажана во 11:30 часот. Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот, а околу 23 часот ќе се одржи нова прес-конференција.
