Државната изборна комисија (ДИК) денеска изврши избор на компанијата што треба да го набави интегрираниот систем за биометриска индентификација на гласачите, јави МИА.
Според „360 степени“ изборот паднал на германската компанија „Дермалог“.
Според најавите, повеќе информации во врска со набавката на овој систем и подготовките за локалните избори Комисијата ќе соопшти во текот на утрешниот ден.
На повторениот тендер за набавка на интергрираниот систем се пријавија четири компании. Претседателот на Комисијата Александар Даштевски на 2 јули за МИА изјави дека системот и терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти ќе бидат навреме набавени за локалните избори. Идентитетот на гласачите на локалните избори за првпат ќе се проверува со терминали за отпечатоци од прсти, нешто што беше предвидено со последните измени на Изборниот законик.
Даштевски тогаш рече исто така дека очекува локалните избори да бидат распишани од страна на претседателот на Собранието на почетокот на август.
Државната изборна комисија (ДИК) и Општинските изборни комисии денеска започнаа со избор на членови на избирачките одбори за претстојните локални избори. Редоследот на изборот, според информациите од Комисијата, е според големината на општините. Предвидено е изборот на членовите на избирачките одбори да заврши следната недела. Се бираат комплетно нови избрачки одбори бидејќи на старите им истече мандатот.
Локалните избори во Македонија се најавени за втората половина на октомври.