Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до 15 часот на претседателските избори во Црна Гора гласале 43,76 отсто од гласачите, соопшти претседателот на ДИК, Никола Мугоша.
До 15 часот во Андриевица излегле 51,20 отсто од гласачите, во Бар 37,43 отсто, а во Беране 44,20 отсто, пренесува порталот РТЦГ.
Мугоша додаде дека во Бјело Поље гласале 42,33 отсто од гласачите, во Будва 44,88 отсто, во Цетиње 43,95 отсто, во Даниловград 52,15 отсто и во Херцег Нови 42,37 отсто.
Според него, во Котор гласале 23,22 отсто, во Никшиќ 36 отсто, во Тиват 25,81 отсто, во Улцињ 11,78 отсто, додека во главниот град Подгорица гласале 31,41 отсто од гласачите.
Црна Гора денеска го избира својот претседател меѓу седуммина кандидати, а правото на глас граѓаните може да го остварат до 20 часот.
Набљудувачите констатирале помали неправилности при гласањето и пријавиле употреба на мобилни телефони на избирачките места, фотографии од гласачки ливчиња, кои гласачите ги објавуваат на социјалните мрежи, што е нарушување на тајноста на гласањето.
Граѓаните им пријавуваат на набљудувачите на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) „дека и денеска добиваат несакани телефонски повици од штабовите на кандидатите, од каде со денови упорно ги повикуваат да гласаат“.
„Апелираме до кандидатите барем денеска да дозволат граѓаните да гласаат без вознемирување, кампањата е завршена и тоа може да се окарактеризира само како непотребен притисок врз гласачите“, се наведува во соопштението на невладината организација која ги надгледува изборите.
Избирачките места беа отворени во 7 часот, а право на глас имаат 542.154 граѓани.
На изборите учествуваат кандидатите на Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ, Демократскиот фронт (ДФ) Андрија Мандиќ, демократот Алекса Бечиќ, од Движењето Европа сега (ПЕС) Јаков Милатовиќ, лидерот на Обединета Црна Гора (УЦГ) Горан Даниловиќ, пратеничката на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.
Ова се четврти претседателски избори од обновувањето на независноста на Црна Гора и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
За претседател на Црна Гора ќе биде избран кандидатот кој ќе добие повеќе од половина од важечките гласови на избирачите кои гласале.
Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, односно на 2 април.
Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претседателот на државата ќе се избира со мандат од пет години.
Првите прелиминарни резултати се најавени за 21 часот.
Според анкетите на јавното мислење, извесен е вториот круг од изборите, во кој се очекува да влезе Мило Ѓукановиќ, а за противкандидат се борат Мандиќ, Бечиќ и Милатовиќ.
Покрај набљудувачи од локалните невладини организации, изборите денеска ги следат и набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и набљудувачката мисија на Европскиот парламент, која ја предводи известувачот за Црна Гора Тонино Пицула.