Приговори за лично избирачко право
Денеска, Државната изборна комисија (ДИК) ја разгледа листата приговори поднесени од граѓани кои бараат да го остварат своето лично избирачко право. Од вкупно десет разгледани случаи, седум беа одбиени како неосновани, додека три беа прифатени и ќе им овозможат на подносителите непречено гласање.
Отфрлени беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди и Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово.
Прифатени, пак, се приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата ќе можат утре непречено да го остварат своето право на глас, при што мора да го носат решението од ДИК како правна основа за запишување во дополнителниот образец на Избирачкиот список.
Поништена листа и акредитации за набљудувачи
На седницата беше усвоена одлука за поништување на потврдена листа за членови на Советот на Град Скопје, откако ДИК на 17 октомври доби информација дека на листата се наоѓа починато лице. За овој случај ќе постапува Јавното обвинителство. Дадените гласови за поништената листа ќе бидат евидентирани како неважечки, а членовите на општинските изборни комисии нема да ги сметаат за добиени гласови.
Членот на ДИК, Александар Даштевски, посочи дека сличен случај со починато лице имало и лани, кога листата исто така била отфрлена и покрената кривична постапка.
ДИК исто така информира дека за утрешните локални избори досега се пријавени 1.463 набљудувачи, од кои 807 домашни и 644 меѓународни, како и 12 странски новинари. Денеска беа одобрени акредитации и за двајца новинари од Радио-телевизија Косово. Покрај тоа, беше донесена одлука за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, посочи дека попладневната 147. седница останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори и јавноста ќе биде навремено известена за продолжението.