Државната изборна комисија, најостро го демантира наводите на Проф.Мирјана Најчевска објавени на интернет порталот faktor.mk а кои се однесуваат на тоа дека ДИК го прекршува Изборниот закон и дека како институција која ги спроведува изборите е најголем прекршител на истите. Констатацијата дека ДИК го прекршува чл. 31 од Изборниот закон според кој ДИК “ги потврдува и објавува листите на кандидати за избор на претседател и за избор на пратеници и со ждрепка го утврдува нивниот редослед, не е точна и се базира на недоволно познавање на одредбите од Изборниот закон.

Со последните измени на Изборниот закон (Службен В. на Р.М. бр:76/2024 од 03.04.2024 ) во членот 68 по став (3) се додава нов став (4), кој гласи:

“(4) Доколку во ист период се одржуваат повеќе видови на избори, подносител на листа на кандидат/и чијшто реден број на гласачкото ливче е определен согласно со ставот (1) на овој член, може со писмена согласност да дозволи неговиот реден број да се користи истовремено на гласачкото ливче и за друга листа на кандидат/и за друг вид на избори, доколку кандидатот/ите се поддржани од иста политичка партија или коалиција и/или користат ист симбол, за што задолжително ја известуваат Државната изборна комисија.”

Врз основа на овој член ДИК го утврди и редоследот на кандидатските листи за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на гласачкото ливче од број 1 до број 7, соодветно на редоследните броеви на потврдените кандидати за претседател на државата, на 95 тата седницата која ДИК ја одржа на 11.04.2024.

Останатите редодоследни броеви на кандидатски листи за пратеници во Собранието беа утврдени со ждрепка која се спроведе на 96- тата седница на ДИК која се одржа на 12.04.2024.

Врз основа на тоа дека Проф. Најчевска цитира не точни членови од Изборниот закон, таа го руши интегритетот на ДИК како институција но и ја доведува во прашање регуларноста на изборниот процес, сакаме уште еднаш да истакнеме дека сите учесници во изборниот процес и оние кои во јавноста влијаат на креирање на јавното мислење, пред да излезат во јавност со обвинувања за прекршување на изборен законик од страна на ДИК , треба добро да се запознаат со законските одредби и редовно да ги следат измените на законот кои се објавуваат во Службен весник.

Повикувајќи се на несоодветни одредби од Изборниот закон, проф. Најчевска со изнесување на нејзините наводи во јавноста, во најмала рака се обидува да ја наруши професионалноста и интегритетот на ДИК , да создаде негативна слика за изборниот процес, угледот на институцијата и државата, и да ја доведе јавноста до забуна преку креирање на нереална слика базирана на неинформираност.

Државната изборна комисија работи професионално и нема да дозволиме нашиот интегритет и углед да биде нарушен од вакви неосновани наводи.

Посебно не е за очекување од врвна интелектуалка ваков неодговорен и непрофесионален настап во јавноста, па затоа ДИК не очекуваше дека би било потребно на ова ниво да дава правни совети во јавноста на угледни професорки, дотолку повеќе што законите и работата на ДИК се јавни. Со вакви јавни настапи, професорката Најчевска ги нарушува правото и правната држава како основа на која функционира нашиот систем.

Државната изборна комисија секогаш е на нивото на одговорност и професионалност штитејќи го сопствениот углед и угледот на државата пред домашната и меѓународна стручна и општа јавност, стои во демантот.