Според документи што се чуваат во архивите на Израел, Димитар Влахов, за разлика од многумина Грци, како Александрос Григоријадес, Периклес Николаидес, Илијас Дурос, Димитриос Макрис, Георгиос Темелис, Димитриос Ламбакис и други, кои целосно ги уништиле Евреите што живееле во Солун, е еден од најзаслужните за формирањето на Израел.
Македонецот од Kукуш, градот на Гоце Делчев, кој Грците го прекрстија во Kилкис, како пратеник во Отоманскиот парламент од 1908 до 1912 година, со историски говор во полза на Евреите станал еден од најзаслужните личности во создавањето на новата држава на еврејскиот народ! Имено, во 1911 година Влахов како пратеник во парламентот на таканаречената конституциона Турција бил замолен да застане во одбрана на еврејската кауза, од која подоцна ќе се роди Израел. Прифаќајќи ја молбата, освен интересите на македонскиот народ и на Македонија, да ги застапува и интересите на Евреите во Палестина, Влахов одржува тричасовен говор, кој станува еден од камен-темелниците врз кој ќе се издигне новата еврејска држава на Блискиот Исток.
Што побарале Евреите?
Што побарале, всушност, што го замолиле пратеникот Влахов еврејските активисти д-р Виктор Јакобсон и Холберг Херцфелт, кои заедно со Исак Бен Цви, подоцна втор претседател на Република Израел, и Давид Бен Гурион, основач на генералната федерација на еврејските работници, а подоцна премиер на Израел, го сочинувале јадрото на еврејското лоби во Цариград? Побарале поддршка за населување во Палестина. Имено, летото 1911 година арапските лидери на чело со муслиманите од Палестина, преку своите депутати во парламентот почнале да вршат голем притисок врз Портата во Цариград да се спречи населувањето на Евреите на палестинска територија, поднесувајќи предлог-закон за спречување секакво населување Евреи, а за оние Евреи што веќе се доселиле, веднаш да се воведат специјални, жолти пасоши. Димитар Влахов во своите мемоари го опишува целиот настан поврзан со својот говор во одбрана на Евреите во Отоманскиот парламент:
„Еден ден кај мене дојдоа двајца видни претставници на еврејското движење, кои живееја во Цариград, и ми соопштија дека арапските депутати внеле во парламентот предлог да се запре секакво населување Евреи во Палестина. Двајцата еврејски претставници ми изјавија дека ме следеле како депутат и знаеле дека секогаш ги заштитувам праведните каузи и интересите на сите народи што живеат во Турција. Ние ве молиме, рекоа, како човек што ги брани вистината и правото да земете збор во парламентот по предлогот на арапските депутати и да го искажете вашето мислење. Ние имаме, рекоа тие, неколку депутати од еврејска националност, но ниеден од нив ја нема потребната храброст јавно да истапи и да ја заштити каузата на својот народ. Ние ќе ви дадеме факти и податоци од кои ќе се види дека емигрирањето на прогонетите од други земји со Евреи во Палестина не е во интерес само на нашето движење, туку и во интерес на самата турска држава затоа што се населуваат луѓе што се трудољубиви и затоа што со својот труд и ентузијазам носат приходи на народното стопанство на Турција. Следниот ден јас ги добив ветените материјали и податоци за неколкуте еврејски колонии формирани таму, меѓу кои, доколку се сеќавам, една колонија се викаше Петах Тиква, а другата Тел Авив. Јас го проучив целиот проблем и решив да одржам говор за да го срушам предлогот на арапските депутати, т.е. да го убедат парламентот да не прими еден таков реакционерен предлог. Се јавија 2-3 арапски депутати за да го заштитат предлогот и тогаш јас побарав збор. Во салата настапи раздвижување, особено меѓу арапските депутати. Во мојот говор, кој траеше речиси еден час, јас зборував за улогата на емиграцијата во напредокот на една земја воопшто, посочив примери во други земји, особено во Америка, ја опишав неподносливата положба во земјите од каде што тие емигранти доаѓаат за да се населат во Палестина, зборував за принципите на конституциониот режим во Турција, а потоа укажав на тоа дека бројот на Евреите во Палестина е незначителен, дека во цела Палестина има одвај 130.000 Евреи и дека арапскиот народ нема зошто да се плаши дека во таа земја Евреите ќе имаат доминантна положба. Додека говорев, почнаа да се слушаат гласови на неодобрување меѓу арапските депутати, меѓутоа никој од нив не се осмели да ја оспори вистината на изнесените податоци. Се слушнаа само гласови: „Вие не сте Евреин, вие не сте од Палестина, вие сте од Солун! Што се мешате во тие работи“! На сите тие реплики јас спокојно одговорив дека е верно оти не сум Евреин, дека сум Македонец, дека не сум од Палестина, но дека како претставител во парламентот, мој долг е да ги заштитувам интересите на сите отомански граѓани, интересите на самата земја и на нејзиниот стопански развиток. Притоа дополнив дека сум избран за народен претставител од Солунскиот санџак, во кој има голем број Евреи, на кои не им е сеедно дали нивните сонародници се прогонети во други земји, дали можат да живеат слободно или не… Kако и да е, предлогот на арапските депутати против доселувањето на Евреите во Палестина пропадна, доселувањето продолжи во согласност со постојните закони на Турција“.
Поради огромното значење на овој говор на Влахов, кој спречил да се забрани доселување на Евреите во Палестина, како и нивно обележување со посебни, жолти пасоши, Арон Аса во својата книга „Македонија и еврејскиот народ“, меѓу другото, ќе подвлече дека кратко пред смртта Димитар Влахов бил поканет официјално да го посети Израел „како заслужен и верен пријател на еврејскиот народ, но таа негова посета не беше остварена поради силно нарушување на здравјето…“
Оневозможен контакт со израелските лидери
Според спомените на неговиот син Густав Влахов, запишани во 1987 година, Димитар Влахов, додека бил во Солун, се спријателил со истакнати еврејски активисти, но и со познати револуционери-интернационалисти, како Бен Гурион, Бен Цви, професор Kаплански, Спризнак, Шарет, Рахела Јанаит, сопруга на Бен Цви и други.
„На Мировната конференција во Париз во 1946 година Бен Гурион и Бен Цви побарале да се сретнат со него, но татко ми не добил согласност за тоа од шефот на југословенската делегација Едвард Kардељ. Подоцна, во 1953 година, татко ми неколкупати беше покануван да го посети Израел, но министерот за надворешни работи на тогашна Југославија, Едвард Kардељ, секогаш се спротивставуваше под изговор дека татко ми е потпретседател на Президиумот на југословенското Собрание, па не е во ред да го посети Израел, иако посетата можеше да биде полуофицијална или целосно приватна. Истото образложение се повтори и на 1 јануари 1953 година кога татко ми беше веќе пензиониран. На неговото писмено барање Kардељ одново одговори негативно, иако Тито претходно даде согласност за патување. Негативниот одговор многу го погоди татко ми, всушност, го забрза неговиот крај. На 7 април 1953 година тој засекогаш ги склопи очите и се прости од своите најмили“, пишува Густав Влахов во спомените поврзани со посетата на Израел во април 1956 година.
„На аеродромот бев пречекан од претставникот на министерството за труд Цви Бар Нив и г-ѓа Лу Kадар од министерството за надворешни работи. Во текот на мојот престој имав чест да бидам примен од водечките личности на државата Израел. Претседателот на Израел, господин Исак Бен Цви, заедно со сопруга Рахела, ме прими на почетокот од посетата, на 17 април 1956 година. Претпоследниот ден од мојот престој, на 23 април, претседателот и неговата сопруга, старата револуционерка Рахела Бен Цви, во резиденцијата на претседателот на Републиката приредија прием и свечена вечера во моја чест. Почетокот на разговорот беше посветен на спомените, на времето кога тие, Исак и Рахела Бен Цви, биле блиски пријатели со моите родители, соработувале во Солунската социјалистичка федерација, но се дружеле и приватно. Тогаш почувствував колку високо и искрено се цени активноста на татко ми во социјалистичкото движење, но и неговиот ангажман во турскиот парламент. Од друга страна, претседателот Бен Цви беше пријатно изненаден од фактот дека Македонија е рамноправна република во составот на Југославија. По свечената вечера на 23 април 1956 година, добив подарок, луксузна публикација „Израел“, албум во кој се опишува животот на државата, со посвета на англиски јазик, која гласеше: „На г. Густав Влахов, син на нашиот стар другар, незаборавниот Димитар Влахов, во сеќавање на посетата на Израел“. Истиот тој ден, само претпладне, бев примен и од претседателот на владата на Израел, Бен Гурион. Приемот беше во неговиот кабинет, во зградата на нивниот парламентот, Kнесетот. Бен Гурион ме дочека со зборовите: „Вие сте, значи, синот на мојот добар и смел Димитар, другар од далечните времиња“. Потоа веднаш додаде дека на сите во Израел им е многу жал што лично Димитар не можел да дојде во Израел и да почувствува колку народот го цени и го почитува она што тој го стори во турскиот парламент, штитејќи ги националните малцинства од разни погроми, а специјално еврејското и ерменското малцинство. Јас истакнав дека на татко ми му беше многу тешко што не можеше да одговори на нивната љубезна покана да го посети Израел. Зборував за неговата болешливост, за првиот инфаркт што го доживеал во 1935 година во Париз и за вториот петнаесет години подоцна во Белград. Се разбира, не ги спомнав пречките од страна на Kардељ, отсуството на политички и на човечки чувства. Независно од здравствената состојба, татко ми со радост одговараше на нивните покани, а последната интервенција и согласноста што ја доби од претседателот Тито дојдоа само неколку дена пред неговата смрт“.
Благодарност до народот
„Премиерот Бен Гурион истакна дека му е многу жал што не можеле да го пречекаат Димитар Влахов во својата средина за да можат донекаде да му се оддолжат за сето она што тој го стори за еврејскиот народ додека беше пратеник во првиот турски парламент од 1908 до 1912 година. Гурион рече дека Евреите имале шест пратеници во турскиот парламент, но ниту еден од нив не би се осмелил да зборува со јазикот на Димитар Влахов и дека фактот бил многу посилен кога зборувал пратеник од нееврејска група, а уште повеќе кога тој бил припадник на друго национално малцинство. Еврејскиот народ ќе му биде вечно благодарен за тој говор, за смелоста што ја покажал зашто во тоа време малкумина би се осмелиле да зборуваат со тој речник и со таква содржина, особено во Турската Империја.
Мојот прием кај Бен Гурион траеше 45 минути. Бев доста вознемирен. Не можев да сфатам како може Бен Гурион, кој ме виде првпат во животот, да има таква доверба кон мене. Ги зедов предвид неговите односи со татко ми пред 45 години, но тоа не можеше да биде доволно објаснување. Истовремено бев многу среќен и се гордеев, сфаќајќи дека има луѓе што толку високо ги ценат релативно малите услуги за еврејскиот народ, што ги направи татко ми како револуционер-социјалист и пратеник во турскиот парламент. Веднаш ми дојде и мислата дека тој постигна голема победа и над некои раководители во Македонија, а пред сe над Лазар Kолишевски, Цветко Узуновски, Видое Смилевски, Љупчо Арсов, Вера Ацева, кои независно од заслугата за југословенското комунистичко движење и Народнослободителната војна немаат ни најмала претстава за историјата на намачениот македонски народ или и ако имаа некаква претстава за тоа, немаа доволно храброст да постапуваат според таа историја. Пред сe`, тие му завидуваа на борбениот консеквентен пат на Димитар Влахов, на неговото огромно револуционерно искуство, се плашеа од неговата доследност. Kон таа група би можел да се додаде и Едвард Kардељ, кој, за разлика од Тито, не ги познаваше доволно или не сакаше да ги запознае корените на македонското револуционерно движење, како ни вистинската голгота на македонскиот народ. Освен тоа, Kардељ беше злопамтило, па не можеше да му прости на секој што ќе му се спротивставеше или, пак, ќе му направеше некаква забелешка“, пишува Густав Влахов во спомените.
Според него, недоразбирањата со Kардељ имале длабок корен. Имено, Димитар Влахов реагирал многу остро кога Kардељ, како шеф на југословенската делегација на Мировната конференцијата на ООН во Париз во 1946 година, на барање на Молотов, шеф на советската делегација, забранил Влахов да го прочита говорот за македонското прашање што му бил подготвен уште во Белград: „Тоа било направено од причина да не биде спомната и Бугарија зашто наводно претстоело влегување на оваа земја во федеративни односи со републиките на Демократска Федеративна Југославија. Kако и да е, Kардељ не дозволи татко ми да го посети Израел, но не можеше да ја спречи љубовта што Евреите ја имаат кон него. Премиерот Бен Гурион, кој ми остави многу силен впечаток, на крајот, кога му се заблагодарив за приемот, со горчина ми рече дека многу му е жал што не можеше да стори повеќе за Димитар Влахов и за неговото семејство зашто Димитар Влахов многу го задолжи еврејскиот народ“.
Со одлука на премиерот Бен Гурион: Булевар Димитар Влахов во Тел Авив!?
Пред педесет години, во 1963 година, била поднесена иницијатива една од главните улици во Тел Авив да го носи името на Димитар Влахов. Во врска со тоа, Густав Влахов, кој, меѓу другото, бил амбасадор во Пакистан, Мексико и во Австрија од 1957 до 1977 година, во спомените за својата прва посета на Израел во 1946 година зборува и за иницијативата што стигнала до него во врска со именување една од главните улици во Тел Авив со името на татко му Димитар Влахов. Во известувањето што го добил стои дека во знак на признание што еврејскиот народ и израелската држава му го должат на Димитар Влахов, премиерот Бен Гурион со задоволство прифатил и дал наредба до градоначалникот на Тел Авив една од улиците во централното градско подрачје да се именува со името на Димитар Влахов.