„Во услови на ваква криза, на ваков ценовен шок што го трпат граѓаните мене ребалансот на Буџетот ми наликува како некој таму да седнал во Владата и погледнал дека приходите од ДДВ-то се прибираат повеќе од тоа што првично им било проектирано и кажал во ред продолжете понатаму. Значи 112 милиони евра се пари кои што власта ќе ги собере од граѓаните. Имајќи в предвид дека во најголем дел платите ни се корегирани, значи ние зборуваме за минимална плата која што е корегирана, прашање нели колку од фирмите ја даваат или навистина не им ја даваат на вработените бидејќи се има информации дека се враќа дел од платата кај газдите итн. Но, реално кога ќе ги погледнете сите вработени во Македонија ќе видите дека нема такво зголемување на платите што значи дека буџетот на секој еден граѓанин е погоден, и во такви услови поради високиот ценовен шок вие одлучувате дека она што го планиравте во ноември како зголемување на приходите е малку и сега ви требаат уште 112 милиони евра повеќе да зафатите од граѓаните и стопанството“, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.

Димитриеска Кочоска додаде дека власта во ваква тешка криза 112 милиони евра ќе земат од граѓаните и од стопанството.

„Не случајно во Собранието предлагавме намалување на стапката на ДДВ за прехранбените производи, тие го намалија во некој дел, но не за сите. Сега заврши таа мерка. Дури ние како партија предлагавме и за акцизите, ние кога ги правиме анализите ги правиме врз основа на тоа што го добиваме како податок. Од јануари до април месец ако се погледне она што го прибрала државата по основ на ДДВ, проектирала дека за 6,9% ќе има поголемо прибирање на ДДВ во однос на претходната година. 6,9% на минатогодишниот ДДВ, од први месец до четврти ако се пресмета колку се тие 6,9% ќе се воочи дека само за првите четири месеци се има собрано повеќе од граѓаните од тоа што го планирала Владата и очекувала во основниот буџет. Односно 43 милиони евра повеќе собрала само по основ на ДДВ. Но, да не заборавиме дека минималната плата не беше корегирана од јануари месец. Еве ако се вадат на тоа дека дел од граѓаните имаат повисоки примања, но јануари, февруари и март месец немаа корекција на платата. Значи сето ова оди на грбот на граѓаните“, заклучи Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска посочи дека она што најмногу ја изненадува е приходите годинава во однос на минатата година треба да бидат поголеми за 443 милиони евра. Тоа се толку пари годинава што стопанството и граѓаните ќе дадат повеќе на државата и тоа само поради ценовните шокови. Граѓаните не живеат подобро и не купуваат повеќе производи, туку за жал ги купуваат истите производи но со повисоки цена. А, во однос на 2020-та година тоа се 913 милиони евра повеќе приходи ќе се извлечат од граѓаните поради ценовните шокови.

„Во однос на акцизите поднесувавме веќе трет пат мислам предлог закон за акцизите. Кај акцизите исто така прибирањето е значи многу поголемо и беше многу поголемо во однос и на минатата година и планирано е така. Да речеме и сега со ребалансот велат дека кај акцизите ќе соберат 437 милиони евра годинава, а минатата година беа 415 милиони евра. А, што е проблем од власта да се откажат од акцизите? 2020-та година било 365 милиони евра или да кажеме годинава планираат 73 милиони евра повеќе од 202-та година. Што е проблем да се откажат од акцизата? Не ги разбирам. Значи ова се ненормално високи износи од кој што може да се откажат. Зошто е важно? Затоа што граѓаните во исто време ќе имаа пониски цени. Јас да разберам дека Владата треба да прибере пари притоа да реализира огромни проекти, не знам што прави. Но, за корупција и криминал да го осиромашува својот народ надвор од умот е ова“, нагласи Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска укажа дека само во месец март од Владата имаат собрано по основ на акцизата 33% повеќе во однос на март 2021 година. А, по проекциите првични требале да соберат некаде 12,5% повеќе. Тоа значи дека и со мерките воведени од власта прибираа повеќе пари од граѓаните и стопанството.

„Во континуитет со оваа Влада буџетскиот дефицит се зголемува. 260 милиони евра имаме зголемување на расходната страна. А, притоа од власта велат дека 100 милиони евра скратиле од непродуктивни трошоци. Ако тие скратиле 100 милиони евра од непродуктивни трошоци од овие 260 милиони евра, каде одат 360 милиони евра од Буџетот. Каде се распределуваат? Зголемувањето во тој дел од кај КОВИД мерките се 100 милиони евра. Имаме околу 52 милиони евра зголемување во субвенциите во земјоделие, имаме зголемување некаде околу 70-тина милиони евра од прилика во труд и социјала. И сега кога ќе ги соберете сите тие бројки повторно некаде од 50 до 60 милиони евра недостигаат. Каде се тие пари“, запраша Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска додаде дека ако се анализираат работите може да се воочи дека се има зголемување од 3,3 милиони евра во дневници за службени патувања. И тоа за половина година. И ако се пресметаат на ниво на цела година не би биле 3,3 милиони евра туку 6,6 милиони евра дневници за службени патувања. И околу 10 милиони евра се има исплати во извршни исправи. Не се знае какви се тие 10 милиони евра исплати по извршни исправи. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за плати има зголемување за 300 илјади евра. Во своето обраќање дури нагласи дека горивата се скапи затоа што власта краде, но истовремено и не се откажува од 50 милиони евра годишно, колку што е буџетската импликација од 50% намалување на акцизата.