Македонија е единствена земја која не е членка на Европската унија, а сепак потпиша Меморандум за соработка за развој на пазарите на капитал заедно со уште седум земји членки на ЕУ, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.

Тоа е еден од најзначајните исчекори на Министерството за финансии во последниот период, особено затоа што е насочен кон приватниот сектор. Зошто ова е важно? Кога зборуваме за пазар на капитал, обично се мисли само на берзата како место за купопродажба на акции. Но, суштината на овој Меморандум е многу поголема – тој овозможува формирање пазар на кој ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност, не само со акции, туку и со обврзници. Тоа отвора огромна можност за македонските компании кои тешко обезбедуваат финансирање од банките – сега ќе имаат алтернатива да издадат сопствени обврзници или акции, истакна Димитриеска-Кочоска.

Како што појасни министерката во исто време се проширува и пазарот, осносно хартиите од вредност на македонските компании ќе можат да ги купуваат и граѓаните од другите седум земји членки на ЕУ, а нашите граѓани ќе имаат можност да инвестираат во нивните компании.

На тој начин се создава интегриран пазар на капитал – нешто што одамна функционира во САД, но во Европа сè уште е ограничено. Оваа иницијатива, која ја покрена Министерството за финансии на Хрватска, е навистина голем чекор за сите осум земји. Следува процес на усогласување на законите и правилниците, а очекуваме за една до две години првите компании да започнат да издаваат хартии од вредност, а инвеститорите – и домашни и странски – да можат да инвестираат во нив“ потенцираше Димитриеска-Кочоска и дополни дека е горда што што Македонија е дел од оваа иницијатива, бидејќи таа е пред сè насочена кон тоа да им помогне на компаниите полесно да дојдат до финансиски средства и да создадеме подинамичен пазар на капитал.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија во понеделникот во Загреб го потпишаа Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал.