Придобивките од мерката МојДДВ и натаму ќе ги ползуваат граѓаните, промени ќе се направат само во системскиот дел во рамки на Управата за јавни приходи. Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Мерката МојДДВ останува со истата сума за поврат кон граѓаните. Ќе се направат одредени корекции, што не се поврзани директно со граѓаните, туку системски во рамки на Управата за јавни приходи. Многу често од граѓаните добивавме информација дека скенирале фискални сметки кои УЈП им ги одбивала како да не се оригинални, било пријавувавано до УЈП и не се преземало ништо, рече министерката за финансии.
Во однос на граѓанските обврзници, како државни хартии од вредност наменети за граѓаните, рече дека нема да продолжат да се издаваат се додека не се врати довербата во системот.
И пред да станам министер велев дека за да имате интерес за купување граѓански обврзници треба да имате доверба во институцијата. Ние треба со дела да покажеме дека навистина тоа што го ветивме го остваруваме. Кога ќе го промениме системот и кога ќе ја вратиме комплетно довербата на граѓаните во државата тогаш може да зборуваме за граѓанска обврзница, во овој момент не може да зборуваме за граѓански обврзници, рече Димитриеска-Кочоска.