Димитриеска Кочоска посочи дека економскиот раст од 3% е шест највисок во Европа и регионот, а платите бележат зголемување

По подолг период економијата закрепнува со три последователни квартали на раст, а во првиот квартал остварениот раст од 3% е меѓу највисоките во Европа и регионот, односно шести според Евростат, изјави министерката за финансии Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека наместо да се манипулира со јавно објавени и достапни податоци и показатели за економската состојба, потребно е да се погледнат фактите за економските политики на претходната Влада, за кои говореше лидерот на опозицијата.

„Просечниот раст на БДП во периодот 2017-2023 во Македонија изнесуваше 1,8%, што е едно од најниските во Европа и за жал најмало споредено со земјите од регионот. БиХ бележеше 2,9%, Словенија 3,2%, Хрватска 3,5%, Албанија и Црна Гора 3,5%, Србија 3,6% и Косово 3,8%“, наведе таа.

Според Димитриеска Кочоска, и во време на кризата и пандемијата Македонија имала најнизок просечен раст од 1,2% во споредба со регионот, што, како што рече, покажува каква била ефективноста на мерките.

„Посочените две милијарди евра за поддршка на граѓаните и фирмите резултираа со зголемување на државниот долг во однос на БДП за повеќе од 10 процентни поени во 2020 година во споредба со 2019 година, што повторно е најголемо зголемување во регионот, а резултатите од тоа задолжување се најнизок раст“, нагласи таа.

Димитриеска Кочоска се повика и на извештајот на Државниот завод за ревизија за тоа како биле потрошени средствата за мерките и активностите за поддршка на вработените погодени од здравствената криза предизвикана од Ковид-19.

Таа нагласи дека манипулациите и извртувањата на тезите не можат да го оспорат фактот дека по подолг период економијата закрепнува и дека последните податоци покажуваат позитивни трендови.

„Во периодот од јули 2024 до јуни 2025 година просечниот раст на нето платата во Македонија изнесуваше 10,1%. За споредба, во текот на целото седумгодишно владеење на СДСМ просечната плата се зголемуваше во просек за 8,2%“, посочи таа.

Таа додаде дека и покрај растот, тој бил под влијание на драматичниот пораст на цените, кој бил меѓу највисоките во регионот и Европа. „Доколку се исклучи ефектот на растот на цените, просечниот раст на реалната нето плата изнесуваше само 3,5%, и покрај потрошените милијарди евра за справување со кризите и зачувување на стандардот“, изјави таа.

Димитриеска Кочоска посочи и дека во истиот период, од јули 2024 до јуни 2025 година, реалниот раст на платите, исклучувајќи го ефектот на цените, изнесувал 6,4%, што е за речиси три процентни поени повисоко од претходната власт.

„Доколку се погледне синдикалната минимална кошничка, во мај 2024 година просечната плата покривала 68,7% од кошничката, додека во јуни 2025 година нејзината покриеност изнесува 70,3%“, додаде таа.

Таа нагласи дека земјите од ЕУ и регионот исто така се соочиле со значителни инфлациски притисоци, но многу од нив успеале подобро да го амортизираат ценовниот шок отколку Македонија.