Најавите за ново задолжување од владата ќе ја фрли Македонија на колена. За само две години Владата на СДСМ и ДУИ не задолжи со нови 1,6 милијарди евра, а со новото повисоко задолжување оваа година кое го планираат со ребалансот на буџетот, новиот долг за само три години ќе биде 2,3 милијарди евра и ќе достигне историски ВРВ од 7,9 милијарди евра. Со вакво темпо на задолжување, вкупното задолжување коешто го направи оваа влада за период од 6 години го надмина 10 годишното задолжување на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – само за споредба 3,2 милијарди евра за 6 години, наспроти 2,9 милијарди евра за 10 години, ова денеска преку прес-конференција го истакна Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Но, зошто се задолжија? Во 2020-та година се задолжија за да и помогнат на државата во услови на здравствена и економска криза. Дали успеаја? НЕ. Најлоши сме во поглед на борбата со пандемијата во светски рамки и најлоши сме во остварувањето на економијата. И покрај високото задолжување не успеа да ја стабилизира економијата во 2020-та година при што доживеавме најдлабок пад по оној од осамостојувањето од 6,1%, пад којшто беше двојно повисок од интерниот конфликт во 2001 година и пад којшто беше најдлабок во регионални рамки. Во 2021 година имавме раст на економијата од само 4%, што е најслабо остварување во регионални рамки. Немавме ниту една капитална инвестиција, ниту еден изграден регионален или пак да не зборуваме за автопат, ниту една изградена градинка, спортска сала. Ама затоа имавме скандали со набавки на софтвери, на консултански услуги, на фстаци и бадеми, на златни лажици и вилушки, поткуп со картички пред избори. И сега на повидок е ново задолжување кое го правдаат со енергетската криза и негативните ефекти од војната во Украина. На сите ни е јасно дека повторно оваа Влада не се справува успешно со кризите, како што не се справија ни со кризата предизвикана од пандемијата, вели Димитриеска Кочоска.

Таа додава дека и сега, најавија заем од ММФ за предпазливост и ликвидност со кој ги потврдија нашите стравувања во неколку сегменти:

1. Нели буџетот ни беше ликвиден? Според министерот приливите во буџетот се собираа според планот, немаше потреба за брз ребаланс, се беше под контрола. Но, самиот заем од ММФ кажа дека е за буџетско финансирање коешто и оваа година со ребалансот ќе го прошират, зошто повеќе трошат отколку што собираат приходи. А, приходите се собираат заради високата инфлација, а не заради добрите остварувања во економијата. Ако не беше така, ќе имавме уште поголема буџетска дупка.

2. Според министерот за финансии, квалификувањето за овој заем од ММФ не прави посигурни пред инвеститорите на меѓународните финансиски пазари. Ова било потврда дека Владата има здрави економски политики. Значи без потврда на ММФ, инвеститорите немаа доверба во политиките на Владата, и затоа еврообврзница за оваа година се одоговлечува. Веројатно, немаше кој да инвестира во неа, што ќе беше погубно за рејтингот на нашата држава.

3. Пониска каматна стапка од 1% со заемот на ММФ, наспроти очекуваната од 4,5-5% којашто треба да ја платиме ако издадеме еврообрзница. Го прашувам министерот, што се смени за една година кога се фалеше дека заради добрите политики на Владата и добриот кредитен рејтинг ни дадоа историски ниска камата на тогашната еврообврзница од 1,65%? Значи, инвеститорите се уплашиле дека оваа Влада не испорачува добри политики како што ги ветуваа или пак ниската каматна стапка од лани беше рефлексија на условите на пазарите, а не на достигнувањата на оваа Влада ?И едното и другото е точно, со што се демантираше фалењето на Владата од претходната година.

4. Доколку имаме ваква линија за финансирање, тоа ќе значи зајакната контрола на буџетските средства од страна на ММФ. Нема да има раст (или не висок) на платите во јавниот сектор, што ќе биде алиби на Владата дека немаат можност да ги зголемат истите. А, зошто немаше пари за раст на плати во јавниот сектор? Од 2019-2021 година вкупниот број на партиски вработувања во јавниот сектор порасна за околу 30.000 луѓе, што го стесни просторот за раст на плати. Воедно, од непродуктивното трошење на оваа Влада и од никаквите напори за да се оданочи сивата економија, нема простор за раст на платите.

5. Средствата од оваа линија од ММФ се за финасирање на буџетскиот дефицит, но и за предпазливост. Не мора да се искористат во целост според министерот. Ова е само потврда дека покрај заемот од ММФ се спремаат и да издадат и еврообврзница годинава. Задолжувањето нема крај.

-На сите ни е јасно дека македонската економија е исправена пред уште еден силен предизвик. Војната во Украина и економските санкции на Западот кон Русија ќе имаат тешки и долгорочни последици врз светската, а со тоа и врз домашната економија. Инфлацијата ја јаде куповната моќ на парите, а платите не растат со темпо на инфлацијата. Фирмите се соочуваат со тешкотии во пласманот на странските и домашниот пазар, со зголемени цени на импутите во производство, со намалени изгледи за раст на бизнисот. Нерамнотежата во платниот биланс во подолг временски период е висока, а населението се плаши за денарските заштеди. Државата исправена пред овие предизвици треба да ја води кредибилна Влада. Влада којашто нема да работи во корист на сопствено збогатување и расипничко трошење. Оваа Влада ги изгуби сите битки со сите кризи. Оваа Влада своите лични интереси ги стави пред државните интереси – како во политиката, така и во економијата. Време е да се смени. Затоа повикуваме на предвремени парламентарни избори, истакна Димитриеска Кочоска.