-Јас, во моментов, можам да зборувам за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ, навистина, не ги следам другите политичките партии и извештаи. Можам најодговорно да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ имаме сериозни намалување на донациите што доаѓаат од физички и правни лица. И тоа го констатира и Државниот завод за ревизија, од каде што може јасно да се види дека донациите од физички лица се сериозно намалени, да не речам за 3-4 пати. Ако се вратиме на 2018 и 2019 година, кои се можеби најубав репер, бидејќи во 2020 се смени законот и може да се префрлаат донации од редовна сметка на изборна, тогаш можеме да видиме дека во ВМРО-ДПМНЕ имаме драстично намалување на донации од физички лица, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на Аласт М Телевизија.

Димитриеска Кочоска се согласува дека Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии имаат одредени недоречености, но вели дека така е и со многу други закони. За забелешката дека независните кандидати не добиваат поддршка од државниот буџет, таа смета дека треба да добиваат, но вели и дека големите партии не го земаат најголемиот дел од „колачот“.

-Во континуитет кога ќе оди исплатата за политичките партии, првата галама што се прави е колку добиле. Ние сме голема политичка партија, со многу советници, има методологија на исплата, голем број пратеници и логично е да е така. Но, кога ќе ги погледнете математиките како се прави тоа, не е дека овие партии добиваат најмногу средства од вкупниот износ што е наменет, вели Димитриеска Кочоска.

Таа потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ, во 2020 година е единствена политичка партија што има позитивен ревизорски извештај за предвремените парламентарни избори.

-Да не е случајот со замрзнување на имотот и судскиот спор, јас верувам дека и во делот на редовната сметка би имале, исто така, чист ревизорски извештај зашто мислам дека во последните четири години навистина напорно работиме во овој дел и, на крајот од денот, што и да се одлучи од аспект како ќе се контролира тоа ние сме отворени за соработка. Сите документи се тука, немаме што да скриеме.