Владата на Груби и Ковачески планира со заштедите на граѓаните да го финансира својот криминал.
Најавената граѓанска обврзница е уште еден директен грабеж којшто Владата планира да го направи, ни помалку ни повеќе, со заштедите на граѓаните од Република Македонија.
Оваа Влада којашто секојдневно тоне во скандали за коруптивни дејства, заедно со последниот најголем скандал врзан за договорот за Коридор 8, планира да позајми пари од граѓаните за да ги реализира сопствените провизии.
Покрај суспензијата на правото во државата со предложените законски измени кои се во Парламент, со овој потег Владата и Министерство за финансии ги вовлекуваат граѓаните во скандалот на столетието.
Прво. Според министерот за финансии оваа година ќе се емитуваат двегодишни граѓански обврзници во износ од 50 милиони евра со каматна стапка повисока од каматните стапки на депозитите во банките, но според министерот, немало ова негативно да влијание врз депозитите кои се чуваат во банките. Зошто викаат дека нема да има импликации? Ова ќе има импликации врз кредитирањето, како што има во последните неколку години, во кои истиснувањето на приватниот сектор од државата е со најсилно темпо. Само од почетокот на годината до март државата на домашниот пазар се задолжи кај банките за 115 милиони евра, а банките во исто време го намалија кредитирањето на фирмите за 44 милиони евра. Зошто? Затоа што растот на каматните стапки на аукциите на државните хартии од вредност беше неколкукратно повисок од тоа што поскапеа кредитите.
Почитувани, државата со расипничкото трошење го истиснува приватниот сектор, односно не остава простор и го прави поскапо кредитирањето на фирмите но исторемено растат и каматите кај станбени кредити, потрошувачки кредити се е поскапо и за населението.
Второ. Владата вели вели дека веќе две години се подготвува издавањето на граѓанската обврзница, но баш сега се исполнети предусловите за нејзиното издавање. Кои предуслови се исполнети? Според наши сознанија целата процедура за издавање и техничка поддршка не е ниту почната. Ништо од ова не држи, туку со ова владата јасно кажува дека се потребни пари во буџетот, зошто истиот не се полни со предвидената динамика. Со ова исто кажуваат дека втората транша од заемот на ММФ од 155 милиони евра којашто требаше да стигне во мај оваа година нема да пристигне, зошто по скандалот за Коридор 8 или е одложена или воопшто нема ММФ да ја даде.
Трето. Владата вели „Од издавањето на граѓанската обврзница придобивки ќе имаат и граѓаните и државата и економијата“. За кои придобивки мисли Владата којашто беше најлоша во регионот и пошироко во справувањето со Ковид кризата и со енергетската криза. Каде е отчетот пред граѓаните за 230 милиони евра, префрлени пари од буџетот за ЕСМ во 2022 година и 50 милиони префрлени во оваа 2023 година. Рекордери се во регионот по зголемување на јавниот долг од сите земји во регионот во овие две кризни епизоди, што го констатира и Светска Банка. Која придобивка ќе ја имаа граѓаните кога Владата покажува дека немаат капацитет за ништо. Домаќинствата во Македонија плаќаат најскапа цена на струја во регионот, а цената на струјата за фирмите од почетокот на енергетската криза има фантастичен скок од 327%, највисок во цела Европа, што ја вивна домашната инфлација. Тоа го потврдија бројките од Евростат, а не само предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Четврто. Оправдување на министерот за финансии за издавањето на граѓанската обврзница е дека „ Граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите пари и да ја заштитат нивната вредност“. Пазете – да се заштити вредноста на парите со тоа што идат во рацете на врхушката на оваа власт, како Ковачевски и Груби. Да се заштити вредноста на парите од самите тие кои ја креираа највисоката инфлација во Европа која ја изеде вредноста на парите?
Петто. Министерот за финансии вели дека средствата од граѓанската обврзница ќе бидат искористени за развојни проекти. Па зошто не издаваат тогаш развојни или проектни обврзници кои ги напишаа во стратегијата? Така ќе знаевме за кои проекти, за кој развој се наменети парите.
Шесто. Зошто граѓанската обврзница наместо на 2 како што планираат, не ја издадат на рок од 5, 10 или 15 години за го намалат ризикот од рефинансирање на долгот и да обезбедат долгорочна одржливост, како што самите напишаа во РЕВИДИРАНА СТРАТЕГИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЈАВНИОТ ДОЛГ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2023-2025 (со изгледи до 2027 година)? Дали ова значи дека само си купуваат време и пари за нивниот мандат?
Седмо. Министерот вели “Граѓаните, ќе имаат поголема корист ако ја инвестираат готовината во државни обврзници, а притоа депозитите да ги остават во банките“. Која корист ќе ја имаат граѓаните ако готовината ја пласираат во државата. Мислите на корист од тоа дека ќе треба да ги финансираат матните зделки, корупцијата и криминалот?
Имајте ги предвид сите овие аргумети. Оваа Влада нема кредибилитет да бара пари од своите граѓани. Оваа Влада треба што побргу да замине во историјата, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.