Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска ја поднесе својата кандидатура за нов мандат до Општинската изборна комисија. Носител на советничката листа е претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, додека локалниот партиски претседател Даниел Стојчевски ќе го води изборниот штаб.
„За мене е чест повторно да бидам кандидат за градоначалник од партијата каде што припаѓам. Куманово заслужува континуитет, да продолжи да расте и да се развива. Горд сум што зад мене стојат млади и докажани луѓе од различни области кои се дел од листата. На сите противкандидати им честитам и посакувам фер натпревар. Убеден сум дека граѓаните ќе го поддржат континуитетот, затоа што Куманово почна да се менува и заслужува вистинска промена и во градот, и во инфраструктурата, и во секојдневните навики“, изјави Димитриевски при предавањето на кандидатурата.
Ѓорѓиевска, која ја предводи листата на советници, рече дека и понатаму ќе остане блиску до граѓаните: „Како претседател на Совет секогаш сум била на терен, со граѓаните. За мене тоа беше предизвик, и верувам дека ќе постигнеме уште подобар резултат на изборите. Зад мене се и актуелни советници и нови луѓе – луѓе од народот.“
Таа додаде дека е привилегија што листата ја сочинуваат млади кандидати и истакна дека во работата со советниците од различни партии секогаш имала коректна соработка. „Најавувам исклучително позитивна кампања, заедно со градоначалникот и советниците. Сè што правиме е за граѓаните. Не треба политиката да ги дели Кумановци“, рече Ѓорѓиевска.
Претседателот на општинската организација, Даниел Стојчевски, објасни дека партијата едногласно одлучила повторно да го кандидира Димитриевски за градоначалник, а поддршка ќе стигне и од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. „Листата за советници ја сочинуваат млади луѓе, со внимание на родова и регионална застапеност. Сите тие се реализирани во своите области и мотивирани да придонесат Куманово да стане поубава и модерна, европска општина“, изјави Стојчевски.