„Граѓаните се имаат соочено со многу програми. Знаете што е програма?! Програмата е документ, хартија која што ја нудиме пред секои избори на граѓаните, а подоцна забораваме на тие документи и продолжуваме понатаму, па доколку добиеме власт ќе ја имплементираме“, истакна независниот кандидат за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски во Изборната дебата на ТВ21.
Димитриевски во студиото на ТВ21 им подели и по еден примерок од Општинскиот информатор во кој има отчет за сработеното на противкандидатите Оливер Илиевски (СДСМ) и Беким Салиу (АА-ААА).
Тој додаде и дека работеле многу, над 400 проекти.
„Општина Куманово беше една од најзадолжените општини и работевме многу домаќински, посветено со многу заштеди. Реализиравме сериозни капитални проекти. Куманово денеска е една од најдобро осветлените општини“, порача Димитриевски.
Актуелниот градоначалник Димитриевски се согласува дека е инвестирано во регионот на Куманово, но вели треба да се види начинот и квалитетот на истото.
„Еве вчера бев за Табановце, реконструиран е стариот пат, но ништо различно од она што беше порано. Друго, ако може да се гради автопат за Струмица и кон Радовиш, што мене ми е драго да се гради, зошто да не се гради една таква траса и во Куманово и пошироко. Неподеднакво се распределени капиталните инвестиции на државата и на власта во сите делови на државата. Не можете вие да бидете за едни мајка, а за други маќеа“, додаде Димитриевски.