Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, во денешното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа изрази жалење за пожарот кој избувна во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово каде починаа 14 пациенти.
Жалам за овој несреќен случај, многупати како човек, не како градоначалник се прашувам зошто ова на нас ни се случува и зошто нашата држава има ваква судбина, а нашите граѓани се доведени во ваква состојба. Дефинитивно заклучувам дека проблемот лежи кај нас коишто носиме одговорност. Вечерта се обидов веднаш да стапам во контакт со колешката Теута Арифи, не можеше да ми одговори. Исконтактирав со нејзиниот кабинет за Општина Куманово да понуди каква било помош и она што го видовме на телевизија беше страшно, бидејќи сето тоа заврши во многу кратко време. Жално е да говориме на оваа тема, јас само би кажал дека одговорност мора да има и во една ваква постапка се постапува веднаш со суспензија на сите одговорни по хиерархијата, формирање итна истрага, истрага од страна на независни државни институции. Го поздравувам потегот на јавното обвинителство и на обвинителката Русковска што се јави и ги побара сите документи“, потенцираше Димитриевски.
Димитриевски објасни според какви стандарди се градат контејнерите.
Видовме дека болницата изгоре во многу кус временски период. Јас само ќе искористам едно мое искуство бидејќи имав можност да живеам во контејнер некаде година и пол во Ирак 2008-2009 година, нешто сличен систем на такви модуларни сегменти. Се работат според високи нормативи на стандарди за заштита, а во моментов работиме и на реконструкција на спортската сала во Куманово каде што во техничката документација видов дека задолжително мора да се вградат
огноотпорни панели кои се направени од камена волна. Тоа не зависи од изведувачот, тоа зависи од проектантот и како самиот проект е проектиран согласно проектната документација којашто оди дополнително на ревизија проектот и се одобрува, а во моментот кога истата опрема се вградува потоа надзорот потпишува што тоа е вградено и дали е согласно проектот.
Јавноста мора да биде запознаена, особено кога се работи за здравјето и сигурноста на граѓаните. Општините немаат никакви допирни точки во имплементација на самите проекти. Ние имавме насоки само од ресорното министерство да се вклучиме како општини во делот на партерното уредување околу самите модуларни болници. Ние немаме издавано дозволи за истите, одело со директна постапка, одлука на Влада, ресорното министерство. Ние во Куманово кога се инсталираше таа модуларна болница во којашто немаме централен систем за снабдување со кислород, туку се користат индивидуални боци како кислородна поддршка за пациентите. И можеби е добра работа во овој момент после овој случај што го видовме во Тетово“, рече Димитриевски.