Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во вчерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа потенцираше дека коалицијата пред изборите на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ќе биде коалиција со граѓаните. Во однос на политичката состојба во државата, тој истакна дека политиката ги има поделено граѓаните како народ.
„Политиката не подели многу како народ. Во секое семејство има луѓе членови на семејството раскарани поради политика. Време е да ги обединиме. Премногу малку сме и ние Македонците, генерално сите кои живееме во Македонија да бидеме поделени по политичка основа. Затоа, сметам дека оваа алтернатива која што ние ќе ја понудиме првенствено ќе ги принуди и левите и десните да седнат на иста маса, да потпишат една заедничка декларација, да ги дефинираме македонските црвени линии во делот на националните интереси и повеќе никогаш да не бидеме загрижени кој тоа ќе владее со државата, дали едните или другите“, посочи Димитриевски.