Во градењето на државните позиции во два наврата бев принуден да се заканам со оставка, вели во вечерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

-Мислам дека јавноста треба да знае, тоа до некаде и го споменав. Во битката внатре, за градењето на македонски заеднички позиции, во два наврати бев принуден и да се заканам со оставка. Дека, ‘ако одите вон оваа линија, тоа ќе го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен, вели Димитров.

Димитров дури посочи дека конечното решение со Бугарија треба да оди во Собрание.

-Токму Бујар Османи кажа дека не мисли оти е добро решението да оди во Собранието. Дури и само таа изјава мене ми е доволна и ми прави еден прашалник и бара посебна внимателност, вели Димитров додавајќи дека конечното решение мора да оди во Собранието.

-Зошто? Конечното решение ќе оди на одобрување и во бугарскиот парламент, рече Димитров.

-Претседателот Радев ги држи документите со кои што почна спорот, Декларација во Собранието, Рамковната позиција на тогашната Влада, еден документ што е навредлив за Македонците. Дури колку што чув имало обид да се влоши позицијата со нов услов, во Преамбулата да се додадат Бугарите и тоа да се затвори и формално таа уставна процедура пред да се почнат пристапните преговори. Добро е што не отишла дебатата и разговорот во таа насока. Меѓутоа мислам дека имаме премалку уште елементи за да можеме сега со некаква обновена надеж, мора да излеземе од тој круг во кој што делумно и сами се внесовме на тие циклуси на надеж и разочарување, појасни Димитров.