Поранешниот министер за евроинтеграции, Никола Димитров вели дека со договорот за употребата на скратеното име се рушат преговарачките позиции, и дека се прават отстапки само од едната страна.
Ние направивме една отстапка, без притоа Бугарија да одговори со нешто, што нам ни треба и ни е важно, изјави Димитров во гостувањето во Топ тема на Телма, во однос на тоа дека Бугарија веќе не се противи на користењето на скратеното име Северна Македонија во меѓународните организации.
Тој додава дека тоа што посебно му пречи и за што чувствува разочараност е дека не може да почнат да се прават отстапки само од едната страна.
-Ако денот се познава по утрото, ако едната страна прави отстапки, а другата страна си стои и не мрда, тогаш ова може само да води за жал, кон целосен пораз и целосна победа“, рече Димитров, додавајќи дека од петте точки, една точка била краткото и долгото име, а таа точка сега не постои.
Според него, ние не само што направивме чекор и отстапка, како што рече, туку тоа и го имплементиравме, нотата во ОН е дадена, за возврат немаме обезбедено ништо. Но, тоа да се сврти како Бугарија да направила отстапка, истакна, е несериозно и безобразно.