Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на состанокот ќе се дискутираат приоритетите на словенечкото претседателство со посебен акцент на политиката на проширување, владеењето на правото и активностите поврзани со Конференцијата за иднината на Европа.

Ќе бидат опфатени и теми во контекст на зајакнувањето на отпорноста на Унијата кон кризи, како прашања кои налагаат градење на заеднички координиран пристап.

На маргините на ГАК, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари повеќе билатерални средби со министрите за Европа и надворешни работи од земјите членки на ЕУ и со претседавачот на Советот за општи работи, на кои ќе се покрене прашањето за надминување на предизвиците за отпочнување на преговори со Унијата.

Организирањето на овој настан, нагласуваат од СЕП, е во светло на претставените приоритети на словенечкото претседателство за градење на кредибилна и стабилна Унија, за што е неопходно придвижување во процесот на проширување.