На состанокот, како што соопшти СЕП, беа дискутирани клучните теми од агендата на Самитот и очекуваните резултати, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со Ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.
Вицепремиерот Димитров истакна дека Самитот мора да испрати јасен политички сигнал за европската иднина на Западниот Балкан. Јасно е, рече тој, дека довербата во процесот е разнишана и без ваква јасна порака кредибилитетот дополнително ќе биде под знак прашање.
– Самитот треба да биде можност за да се приближи до граѓаните економската поддршка на ЕУ и стратешкото партнерство со регионот во справување со глобалните прашања како заеднички предизвици – Ковид-19 и вакцинацијата, миграцијата и безбедносните прашања, но напредокот во процесот на проширување е основната рамка за постигнување успех.“
Еврокомесарот Вархеји на состанокот извести дека вчера Европскиот парламент ја усвои ИПА III Регулативата како инструмент за претпристапна помош на Европската комисија за програмскиот период 2021-2027 година по позитивната одлука на Советот на ЕУ од 7 септември и ја најави регионалната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, планирана непосредно пред Самитот.