Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, во обраќањето на покана на претседателот на ПССЕ, Рик Даемс, што се одржа пред дискусијата за демократските предизвици и европските аспирации на Западниот Балкан и улогата на Советот на Европа, Димитров зборуваше за европските интеграции на земјата, за жртвите кои ги направи и разочарувањата од блокадата и два пати повтореното вето на Бугарија
Вицепремиерот притоа нагласи дека „спорот“ со Бугарија не е територијален, туку за различната интерпретација на историјата, потсетувајќи притоа на симболичноста на Советот на Европа и Стразбур и на европските вредности кои се залагаат за различност и почитување на идентитетот и јазикот на секого.
– Ниту една земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и нашиот јазик, кој јазик го зборуваме, тоа не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед. Ако има добро решение, тоа треба да биде според европскиот дух… Преземениот ангажиран излезе од колосекот и беше пренасочен и тоа не беше по наша грешка, нагласи вицепремиерот.
Димитров како неоснована ја оцени забелешката на бугарската пратеничка и поранешна министерска за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева дека „во Северна Македонија се дискриминираат оние кои сакаат да се изјаснат како Бугари и дека има говор на омраза“.
– Констатирам дека околу обвинувањата за дискриминација немаше ниту една жалба за дискриминација по овој основ, ниту тужба пред Европскиот суд за човекови права. Но, запознат сум за други случаи, но тие не се против нашата земја. Не знам какви се тоа обвинувања за кои се зборува во бугарската јавност од страна бугарските политичари. Ние сме мултиетничка земја. Нашиот Устав и политичка традиција го имаат принципот дека сите сме еднакви и живееме во ист дом. Оваа наша политика не ја споделуваат сите земји во регионот, рече вицепремиерот, потсетувајќи дека во земјава се спроведува попис кој завршува денеска и на кој секој слободно може да се изјасни за неговата национална или етничка припадност.
Тој посочи дека треба многу отворено да се зборуваме за обвинувањата за дискриминација, но претставува проблем, како што нагласи, што нема ниту една претставка за тоа.
Околу обвинувањата за говорот на омраза, Димитров потенцира дека никој од владините претставници во земјава не ширеа говорот на омраза, додавајќи дека за разлика од ова за време на изборните кампањи во Бугарија имаше претставници партии чии изјави „можат да се интерпретираат како директни претензии кон Северна Македонија и како говор на омраза“.
– Тоа што го опишувате како пораст на гнев и на говор на омраза, е предизвикано од тоа што вие им велите кои се и што се, која е нивната историја, нивниот јазик. Разбирливо е во такви услови да има негодувања. Ние ги осудуваме таквите инциденти, рече Димитров.
Тој посочи дека бугарската политика кон Северна Македонија не оди во прилог на пријателството, туку кон антагонизам.
– Вие го потхранувате тоа, и порача Димитров на Захариева, додавајќи дека земјава во Советот на Европа ја поддржува иницијативата за создавање Опсерваторија за изучувањето на историјата во Европа.
Димитров во обраќањето нагласи дека за земјава нема друга алтернатива освен Европа. – Ако Европа не ги исполни своите ветувања и обврски ќе ја изгуби довербата на народот и населението кое живее во овој дел на Европа, додаде вицепремиерот, коментирајќи ги забелешките на повеќе пратеници за неисполнетите ветувања на ЕУ кон Македонија.
– Заслужениот пробив на евроинтегративниот пат е клучен за зајакнување на релациите на ЕУ со регионот, силно одразувајќи ја геостратешката улога на Унијата, нагласи Димитров во обраќањето.
Претходно, вицепремиерот имаше средби со генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Рик Даемс, како и со повеќе членови на ПССЕ, меѓу кои и со Жак Мер и Лилијана Танги, пратеници во Националното собрание на Франција од редовите на партијата Републиката во движење на францускиот претседател Емануел Макрон.
Средбата со Мер и Танги, која доаѓа во пресрет на француското претседавање со ЕУ што почнува на 1 јануари 2022 година, беше искористена за размена на ставови за ревитализирање на политиката на проширување на Европската Унија, со акцент на европската перспектива на Северна Македонија.
Пратениците Мар и Танги ја реафирмираа француската поддршка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, како валоризација на постигнатите резултати со кои земјата ги исполни предвидените обврски, при што изразија надеж дека одлуката на Советот на ЕУ од март минатата година за старт на преговорите ќе биде спроведена во претстојниот период.