Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, посетата е дел од турнејата на вицепремиерот Димитров на главни градови на земји членки на ЕУ, а во контекст на изразените австриски заложби за интензивирање на процесот на проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан, ангажманот на Австрија во справувањето со пандемијата, како и обезбедувањето помош врз основа на принципот на солидарност.
Како што е соопштено, Димитров ќе се осврне на реформските чекори и цврстата посветеност на Македонија во надминувањето на предизвиците и исполнувањето на европската агенда, а главниот акцент ќе биде ставен на изгледите за постигнување поголема кредибилност и остварливост на европската перспектива и нејзино конкретизирање преку одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
На средбите ќе се отворат и темите повразни со билатералната соработка со Австрија како наш посветен поддржувач, која вклучува конкретна помош за спроведување на реформите во клучните области од процесот на европска интеграција, како и конкретни хуманитарни, инфраструктурни и инвестициски проекти, стои во соопштението.