Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок денеска во Белград, на којшто во име на нашата Влада учествува вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Димитров вчера при пристигнувањето во Белград рече дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратешки определби на кои Владата е посветена без оглед на политичката ситуација, а потврда за тоа е и неговото учество на овој состанок.
– Јас пред сѐ доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка, изјави вчера Димитров при пристигнувањето во Белград.
Доаѓам во момент, додаде Димитров, кога како што знаете, во нашата Македонија, во Северна Македонија завршија локални избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин.
Како што соопшти СЕП, предвидени се лидерски средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со претставници на компаниите од трите земји кои учествуваат во оваа платформа за унапредување на регионалната соработка во контекст на европската интеграција.
Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, по што ќе биде одржана и прес–конференција.
Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Северна Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.
Прес-конференцијата ќе се одржи во 11:30 часот и биде пренесувана во живо на линкот: http://www.tanjug.rs/