Главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува оваа среда во Брдо, Словенија.

– Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со кои се реафирмираше европската перспектива, рече Димитров.

Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со Ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.

– Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет, рече Димитров.

На панелот учествуваа и амбасадорите на ЕУ и на Словенија во Белград, Емануел Жофре и Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент Владимир Билчик, како и претседателката на Европското движење во Србија Јелена Миниќ, додека пак модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.