Тој нагласи дека решението на спорот со Бугарија мора да биде европско.
-Во таа смисла, сега барем имаме политички сигнал, но тоа што ќе биде потребно за да се врати довербата кај луѓето дека тоа е всушност возможно, дека навистина постои европска иднина за нашиот регион, покрај добрите зборови, е акција. Веројатно, најголемиот пресврт за враќање на патот, ќе биде почеток на пристапните преговори со мојата земја, Северна Македонија и со Албанија, истакна тој.
Во врска со бугарската блокада за почеток на преговори со ЕУ Димитров посочува дека во Европа на 21 век прашањето за јазикот на кој зборуваме, односно за мајчиниот јазик за етничките Македонци во Македонија е прашање за луѓето во земјата, а не прашање на друга земја, ниту прашање на некоја меѓународна организација.
-Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи – ние Владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја кои што се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји, посочи Димитров, но додаде дека Бугарија го прави тешко пријателството, што го воспоставивме, бидејќи, како што рече „не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед“.
Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Македонија – нашата европска иднина, вели Димитров, додавајќи дека навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели, истакна Димитров.
Во однос на ставот на други членки на Унијата за проширувањето, на пример Холандија и Франција и нивната загриженост за владеењето на правото, Димитров вели дека прашањето на тие лидери е легитимно.
-Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. Три четвртини од трговијата на регионот е со Европа, три четвртини од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа, истакна Димитров во интервјуто за Би-Би-Си радио.